02.01.2007 Случаите „Бачило“ и „Оружје“ ја одбележаа изминатата 2006 година во Македонија во поглед на корупцијата и борбата против.
Вака решија 19 главни уредници на национални медиуми кои учествуваа во третата годишна анкета на Независната новинска агенција „Макфакс“ и на невладината организација „Нулта корупција“.
Случајот „Бачило“, кој влече корени уште од 2004, со сета своја жестина се појави на почетокот на минатата 2006, кога стигнаа правосилните пресуди за исплата на над 700 илјади евра државни пари, на име на отштета на овчарот Иснифарис Џемаили.
Во судска постапка полна со пропусти, особено во поглед на заштита на државниот интерес, било докажано дека Македонија во 2001 му убила 900 овци на Џемаили и му уништила над 1000 канти сирење.
За овој настан како најкоруптивен во 2006 гласаа 13 од 19-те главни уредници колку што учествуваа во анкетата.
12.09.2006 Случајот „Бачило 3“, односно незаконското делење градежно земјиште во постапка за денационализација, е „најмaтен“ настан во август годинава во областа на корупцијата во Македонија.
Истовремено, случајот е на убедливо прво место и во рубриката „бистри“ настани во борбата против корупцијата, со оглед на фактот што аферата ја откри антикорупциската комисија.
Ваков избор направија главни уредници на 19 национални медиуми кои учествуваа последната анкетата „Месечен Барометар на корупцијата", што ја спроведуваат Независната новинска агенција „Макфакс“ и Невладината организација „Транспарентност" Македонија.
„Станува збор за сложена шема за стекнување огромен противзаконски профит преку процесот на денационализација. Упростено објаснето, поединци се жалат на првостепена одлука на владин орган, второстепена комисија при Владата ја прифаќа жалбата и доделува плус градежно и друго земјиште, а Катастарот тоа експресно го заверува и регистрира.
11.08.2006 Лесна исплата на пари од Буџетот на приватни сметки на име отштета и недостигот на лекови за деца заболени од малигни заболувања, се „најматните“ корупциски настани во јули годинава.
За истиот месец, како „најбистар“ настан во областа на борбата против корупцијата, е оценета работата на антикорупциската Комисија околу отворањето на аферата, популарно наречена, „Бачило 2“, односно исплата на над еден милион евра на УПА Ентерпрајс на име отштета.
Ваков избор направија главни уредници на 19 национални медиуми кои учествуваа последната анкетата „Месечен Барометар на корупцијата", што ја спроведуваат Независната новинска агенција „Макфакс“ и Невладината организација „Транспарентност" Македонија.
„Негрижата на Правобранителството, Министерството за транспорт и дел од судството, се почесто се причина сомнителна исплата на пари од буџетот на Република Македонија. Овој пат, такви се случаите "Упа ентерпрајс" и "Агрон Бајрами-Караорман". Двата случаи упатуваат на негрижа на надлежните институции за парите од даночните обврзници и наумислено нанесување на директна штета на државата и на граѓаните во корист на правни и физички лица.
16.07.2006 Продажбата на државниот имот е најматен, а Одлука на Врховниот суд за парична казназа лице што го сокрило имотот и данокот, е најбистар настан за јуни во областа на анти-корупцијата.
Ваков избор направија главни уредници на 17 национални медиуми кои учествуваа последната анкетата „Месечен Барометар на корупцијата", што ја спроведуваат Независната новинска агенција Макфакс и Невладината организација „Транспарентност" Македонија.
„Владата на еден месец пред изборите продаде државен имот во капитал и земја вреден над 100 милиони евра. Станува збор за скандалозно продажба на државно земјиште на неколку странски компании, што преку оспорувани тендери (Покрај Вардар), што преку директна спогодба (Делта и Аквапура ен вилас), потоа, продажба на акции од пензискиот Фонд, продажба на Градски аптеки и продажба на дел од удделот на државата во Македонски телекомуникации. Без оглед на постигнатите цени (а тие се секаде катастрофално ниски освен во случајот на Градски аптеки), ваква масовна продажба во непосредниот предизборен период е прво неморален, а потоа и сомнителен чин од корупциски аспекти“
Со вакво образложение се согласија 12 од 18 уредници што учествуваат во гласањето за настаните за јуни.
Корупциски барометар за месеците Април/Мај 2006 г.
25.06.2006 Злоупотребите на извршната власт во предизборен период и притисокот врз антикорупциската комисија, се најматните настани во мај и во април годинава во Македонија.
Ваков избор направија главни уредници на 19 медиуми кои учествуваа во анкетата „Месечен Барометар на корупцијата", што ја спроведуваат Независната новинска агенција Макфакс и Невладината организација „Транспарентност" Македонија.
„Низа нагласени активности во текот на мај, во кој главен актер е премиерот и Владата во целина или одделни нејзини министерства, сосема јасно укажува на практична злоупотреба на извршната власт во предизборен период, со мотив, освојување на повеќе гласови на денот на изборите.
Како примери, можат да се наведат десетина и повеќе активности, но, како најмаркантни ги издвојуваме, отворен повик на премиерот до Сојузот на пензионерите да достават барања до владата за зголемување на пензиите, сечење лента во ФЕНИ за нов производствен капацитет што треба да проработи по неколку месеци, делење на станови на загинати бранители и на други лица во Битола по основ на денационализација, Меморандум за разбирање со Џонсон контролс за инвестиции, при што се ветуваат пари и од страна на државата, а без да се кажат деталите во јавноста, итн, итн".
Со вакво образложение се согласија 8 од 18 уредници што учествуваат во гласањето за мајската анкета(еден од уредниците не го даде својот глас, образложувајќи го тоа со фактот што во мај немаше предлози за „бистри" настани.)