logo_mkd_jpg_copy
prijavi_korupcija1

ТИ - Македонија

Актуелно

* Канцеларијата за правни совети на "Транспарентност Интернешнл - Македонија" објавува дека ќе биде отворена за прием на граѓани.

**  Со сите заинтересирани граѓани кои сакаат да    пријават случаи поврзани со корупција, ќе разговараат правни советници.

***  Сите состаноци потребно е претходно да се закажат.Канцеларијата не постапува по анонимни пријави. 

Login Form






Си ја заборавивте лозинката?

Вести

 
rss.2.0.gif
 
veruvale-ili-ne.png

 


izbori-sem.jpg
plakat-bunar-bez-dno-mak-we.jpg
 
poster_transp.jpg
 
 
Вести arrow Вести arrow Обвинувања и сведоштва за политичката дискриминација на работа
whistleblowers.jpg
Обвинувања и сведоштва за политичката дискриминација на работа Испечати Е-пошта
whistleblowers.jpg
 03.07.2015 Во Македонија уште пред повеќе од четири години беше донесен Законот за заштита од дискриминација, но се чини сѐ уште сме на почетокот и не знаеме или не сакаме да се заштитиме. За овој период, ниту една надлежна институција не успеала да ја види политичката дискриминација, или подобро кажано, не се осмелила. Вработени и понатаму се бркаат од работа бидејќи не се однесуваат или не размислуваат во духот на владејачката партија. 
 
Единствената сатисфакција ја добиваат со можноста јавно да ја раскажат голготата и тортурата што ја доживеале, а правдата како и секогаш, ќе ја бараат надвор од Македонија.
 
Партиската книшка, наспроти универзитетската диплома, познавањето на странските јазици, работното искуство и стручноста, сѐ уште е посилниот адут при вработувањето, особено во државната или јавната администрација. Со неа вратите многу полесно се отвораат, а се затвораат за тие што ја немаат, поточно не ја поседуваат онаа вистинската. Па, така, додека едни ѝ се радуваат на новата државничка работа, други секојдневно стравуваат да не го изгубат парчето леб, бидејќи во џебот не ја имаат вистинската документација, доказ за нивната „квалификуваност“.
 


 
 

 
Досега многумина граѓани останале без егзистенција поради политичка дискриминација, но, за жал, речиси ниту еден не успеал да ја докаже неправдата. Законот за заштита од дискриминација беше донесен уште пред повеќе од четири години, но за сето ова време ниту еден граѓанин не успеал да докаже дека е дискриминиран на работното место по основ на политичка припадност, што е неверојатно, бидејќи повеќе од очигледна е партизацијата на државната администрација. 
На судовите се чини им е полесно да застанат на страната на државните органи, отколку на страната на граѓаните. Затоа и сѐ поретко ги пријавуваат ваквите случаи, знаејќи дека битката однапред е изгубена. 
 
 
МУ КРАТЕЛЕ ОД ПЛАТА БИДЕЈЌИ ТОЧЕЛ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

Но, сепак, има неколку пријавувачи, кои за неправдата што ја доживеале сакаат барем да остават трага во институциите, а дел избираат само да ја запознаат јавноста за јасно и гласно да се разбере што доживеале.
Еден од оние што, сепак, решил институционално да ја води битката е Небојша Трајковски, кој пред десет дена доби отказ од работното место во Општина Крива Паланка, каде што работел од 2007 година. Тој избра и јавно да говори и за „Фокус“, за сите да слушнат дека со години бил под страшен притисок, местенки и тортура, бидејќи не бил симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ. Последните три месеци бил под суспензија, за на 22 овој месец да му биде врачен отказот.
- Кога градоначалникот Арсенчо Алексовски стапи на функцијата градоначалник, тој од работа избрка 18 вработени што не припаѓаа на владејачката партија, и тоа под изговор дека немало финансии. По само шест месеци, тој вработи 20 нови граѓани, кои очигледно му беа погодени по партиски вкус, истакнува Трајковски.
 
Неговата битка за работното место, пак, почнала од септември 2013 година. Тогаш, според него, градоначалникот поради лична нетрпеливост и фрустрација кон него, незаконски го укинал неговото работно место соработник за евиденција на локални даноци и такси, кое било од суштинско значење за општината бидејќи преку него се собирале 80 проценти од приходите на општината.
 
- Со ова се докажува дека градоначалникот е спремен да направи директна злоупотреба на приходите на општината, само со цел задоволување на сопствената желба и освета, вели Трајковски.
Тој се жалел до Агенцијата за администрација, каде што му ја уважиле жалбата, но по 20 дена, градоначалникот повторно го укинал работното место. Поради тоа, со нова систематизација, во 2014 година бил распореден на ново работно место, каде што немал основни услови за работа, ниту компјутер, ниту биро. Вели дека секој ден и усно и писмено барал да добие основни услови за работа, но од раководителот му било речено дека тоа и било целта, да не може да си ја врши работата и на крајот да добие отказ.
 
- Од тој ден притисоците и контролите зачестија и бев доведен во многу непријатни ситуации, па дури и кога имав физиолошки потреби да одам до тоалет, морав да барам одобрување. Сета оваа тортура и психичко малтретирање ми нанесоа сериозни здравствени проблеми. Ми се изрекуваа и неколку казни затоа што сум виден во архива да оставам службени документи, а и за тоа што излегував да полнам вода во шише, бидејќи во канцеларијата немавме чешма, вели Трајковски.
Тој додава дека, минатото лето, за роденденот, пак, како „честитка“ од градоначалникот добил решение за прекинување на годишниот одмор, иако решението било правосилно. Поради новата ситуација морал да се откаже од веќе платеното патување во Париз.
 
- Денот пред да заминам на одмор добив работна задача за селектирање на повеќе од 5.000 решенија за данок на имот, што е невозможно да се изврши за еден ден, вели Трајковски, кој додава дека за оваа тортура на која бил изложен како административен службеник поднел неколку претставки до повеќе институции.
 
 

ВРАБОТЕНИОТ ТВРДИ ДЕКА Е НАМЕСТЕН, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НЕГИРА

Последниот удар, како што самиот објаснува, му бил нанесен пред неколку месеци кога е обвинет дека по сопствена волја вработил доставувач во општината?! Поточно во решението за престанок на неговиот работен однос се наведува дека Трајковски, дури 143 пати му предал службени документи за достава, во рок од два месеца, на доставувач кој немал добиено согласност од раководителот или од градоначалникот. Односно произлегува дека тој самиот направил вработување во општината, кој, пак, од друга страна додека ги разнесувал материјалите не направил никаква грешка, односно на никој начин не ја оштетил општината. 
  
Трајковски појаснува дека тој ниту имал надлежност ниту можел некого да вработи. Вели дека доставувачот сите го гледале и го сретнувале во општината, а за него била информирана и неговата раководителка, преку писмените извештаи кои секој ден и биле доставувани, односно таму Трајковски со име и презиме го споменува доставувачот како лице на кого му ги предава документите. Раководителката, за време на дисциплинската постапка, признала дека ги потпишувала извештаите, но се правдала дека истите не ги читала?!
 
- Имав и изјава заверена на нотар од самиот доставувач дека јас не сум го ангажирал во општината, но потоа под притисок, тој ја смени изјавата. Исто така, тој дури четири месеци секој ден влегуваше и излегуваше од општината, а присуствуваше и на новогодишната прослава. Наредбата нему да му ги давам доставите ги добив од мојата раководителка, бидејќи јас имав забрана да ја напуштам канцеларијата. Ова е матна местенка само за да ме избркаат од работното место, што на крајот им успеа, истакнува Трајковски. 
 
На одлуката за отказ, Трајковски се жалел во Агенцијата за администрација, но, вели, како што очекувал, поради многубројните ургенции и притисоци, добил негативен одговор. Сега вели дека не се откажува, туку битката ќе ја продолжи пред судот во Крива Паланка. 
 
Градоначалникот Алексовски, пак, е дециден дека вработениот добил отказ поради повреди направени на работното место.
- Не може тој да вработува во општината. Очигледно е дека направил повреди на работното место, а сѐ друго е чиста шпекулација. Кога бев избран за градоначалник, ги задржав сите раководители кои работеа   дотогаш на нивните работни места. Истите раководители се и денес. Тоа лесно може да се провери. Така да не е точно дека политички сум се одмаздувал, истакнува градоначалникот Алексовски.
 

МЕ ИЗБРКАА ЗАШТО НЕ СТАНАВ ВМРО-ДПМНЕ

И младиот Мартин Стефановски вели дека поради тоа што не се однесувал во духот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, неодамна ја изгубил работата. Тој, како што објаснува, бил отпуштен од работната позиција музејски водич едукатор при Археолошкиот музеј на Македонија, не бидејќи лошо работел, туку поради неговите ставови за актуелните политички настани и однесување во приватниот живот.
 
-Ме избркаа од работа затоа што не ѝ се покорив на партијата, туку затоа што сакам да размислувам со своја глава. Од самата директорка бев опоменат неколкупати дека и покрај тоа што одлично си ги извршувам работните обврски, моето однесување надвор од работното место, честото присуство на антивладините протести и моите статуси на Фејсбук се неприфатливи за институцијата во која работам, затоа што не било ред да плукам врз оние што ме хранеле, вели Стефановски, кој бил дел од протестот за случајот со деветгодишната Тамара Димовска, за случајот Мартин Нешкоски и на уште неколку други на кои се бараше одговорност од владини институции или функционери.
 
Тој, како што вели, иако е свесен дека со неговата струка дипломиран археолог и дипломиран историчар, тешко ќе најде работа надвор од државна институција, сепак не сакал да ѝ се потчини на партијата.
Стефановски посочува дека му било смешно некој да го опоменува да внимава што прави и како се однесува надвор од работното време. 
- Доколку тие опомени беа за доцнење на работното место, за непрофесионално извршување на моите работни обврски, за што било што се однесува за мојата работа, јас би се поправил, но апсолутно никој нема право да ми кажува како да мислам, во што да верувам, за кого да гласам на избори, каква музика да слушам, или каде да ставам лајкови на Фејсбук. Јас бев вработен на позицијата музејски водич едукатор, а не на позицијата партиски потрчко на ДПМНЕ. Мене Груевски не ме ранеше, мене ме ранеше мојата посветеност и љубов кон работното место, вели Стефановски, кој додава дека голем дел од неговите колеги морале под притисок да присуствуваат на владините митинзи и дека за нивното присуство во Музејот биле водени списоци.
 
Тој, како што објаснува за „Фокус“, за неправдата што ја искусил на своја кожа не бара институционална правда, бидејќи и не ја очекува, со оглед на тоа, како што вели, во која земја живееме. Но, затоа имаше храброст и преку писмо ја информираше јавноста за она што многумина го знаат, но не се осмелуваат да го изустат. 
- Немам партиска книшка, ниту планирам некогаш да земам. Сакам да успеам во животот со мои раце и мој мозок, без да позајмувам од партијата. За жал, државните институции ни се киднапирани од партиските насилници и тие во заложништво го држат нормалниот живот на граѓаните во оваа држава, заклучува Стефановски.
 
Од Археолошкиот музеј, кој работи неполна година, не успеавме да добиеме став за отпуштањето на ова момче и останатите тројца негови колеги. Ним, официјално им било кажано дека се отпуштени поради недостиг од финансии. Наводно, како што им било кажано, согласност од Министерството за финансии за постојано вработување одобриле само за седуммина. Имено за вработени со статус на државни службеници под договор на определено работно време имале пари за седуммина, а четворица морале да си заминат.

 
КОМИСИЈАТА ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА СЛЕПА ПРЕД ПОЛИТИЧКАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Има и такви што воопшто не успеале да се вработат, бидејќи местото било резервирано за подобни кандидати со партиска поддршка. Бидејќи на овој начин се почувствувала дискриминирана по основ на политичка определба, минатата година до Комисијата за заштита од дискриминација, преку Хелсиншкиот комитет за човекови права, претставка поднела Јулијана Милеска. 
 
Таа се пожалила бидејќи била одбиена на конкурсот за наставник во ОУ „Живко Чинго“ село Велгошти, Охрид, бидејќи според нејзиното кажување, директорот ѝ посочил дека таа нема да биде избрана, и покрај сите квалификации што ги поседува, бидејќи од штабот на ВМРО-ДПМНЕ му било кажано дека треба да биде избран друг кандидат. Поточно, според претставката, Милеска конкурирала за местото наставник по техничко образование, но по неколку дена добила известување дека е примен друг кандидат. 
 
Откако, незадоволна од одлуката поднела приговор до училишниот одбор, тој бил одбиен со образложение дека директорот на училиштето ја поништил претходната одлука, по задолжение од Државниот просветен инспекторат. Подоцна, директорот повторно распишува оглас за пополнување на истото работно место, на кое повторно конкурира Милеска. Набрзо, добива известување дека на конкурсот повторно е избран нејзиниот противкандидат.
На Милевска ѝ било симптоматично тоа што избраниот кандидат без да има соодветен доказ за педагошка психолошка и методиска подготовка, уште пред распишувањето на првиот конкурс бил ангажиран за наставник со согласност на градоначалникот на Охрид.
 
„Директорот на училиштето и училишниот одбор со изборот на несоодветен кандидат на два исти огласа поради партиска поврзаност во конкретниот случај, неосновано ѝ го ограничил правото на работа на подносителката, односно ја дискриминирал врз основа на политичка припадност, во процесот на остварување на правото на вработување и правото на работа и работни обврски“, се истакнува во претставката.
 
Според одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација, пак, во овој случај нема политичка дискриминација. 
Според нивното образложение, сите тројца пријавени кандидати немале соодветно образование, но морало да се избере некој од нив бидејќи во евиденцијата на Агенцијата за вработување немало соодветен кандидат. Тогаш директорот одлучил да го избере кандидатот Т.Д. Останатите две кандидатки поднеле претставки, а една од нив го пријавила изборот во Државниот просветен инспекторат. Инспекторатот утврдил дека кандидатот немал педагошка и методиска подготовка, по што издале наредба изборот да се поништи. На наредниот конкурс повторно се појавиле истите кандидати и сите доставиле уверение за стекнато педагошка-психолошка доквалификација. По овој оглас повторно е избран Т.Д. Од училиштето посочиле дека кандидатот е избран бидејќи и претходно работел во училиштето, со добиена согласност од градоначалникот, откако тогашниот наставник бил избран за в.д. директор.
 
Од училиштето посочиле дека при изборот на кандидатот не е направена дискриминација, бидејќи никаде во огласот не било наведено дека кандидатите треба да имаат политичка припадност, односно неприпадност, а огласот бил објавен транспарентно.
Комисијата одлучила дека во овој случај нема дискриминација, бидејќи обвинувањето на Милеска дека директорот ѝ посочил дека од штабот на ВМРО-ДПМНЕ му било кажано кого да избере, не било поткрепено со веродостојни факти и докази.

 
 
ПОЛИТИЧКАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА ЈА СЛУШНАВМЕ И ВО БОМБИТЕ

Доколку Комисијата очекува дека некој директор на писмено ќе напише, а потоа и ќе ја завери изјавата на нотар, дека од партијата бил присилен да вработува одреден кадар, тогаш очигледно е дека никогаш нема да ја видат политичката дискриминација. 
 
Овие партиски игри при вработувањето се веќе добро познати и уиграни со години, а јавноста неодамна имаше можност тоа да го слушне и од прва рака, односно од прислушуваните разговори кои ги објавува лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Од нив можеше да се слушне како министри договараат вработување на партиски кадар, кои добиле зелено светло од општинските комитети на партијата. Но, се слушна и како се прочистува кадарот, кој не е од ВМРО-ДПМНЕ.
Во еден од разговорите, доскорашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска со Виолета Андонова, истакнува една идеја, со која ќе се спасат од непослушниот кадар. Потенцирајќи дека требало да пријават суфицит и дефицит на кадри, во суфицит да ги стават сите оние вработени кои го тужат Министерството, или како што вели, „Ќе им ги укинеме работните места, па нека кршат глава...“.
 
Во друг разговор на Јанкулоска и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, двајцата договараат бркање од работа на кадри за кои сметаат дека се блиски до опозицијата.  
„Треба да видиме уште некој комуњар да не имаме така непрераспореден, да не ги заборавиме, сега му е мајката да ги исчистиме“, му вели Јанкулоска на Мијалков, на што тој се согласува. Се договара и бркање на полицаец кој бил на протестите за поддршка на Љубе Бошкоски. Односно, решаваат полицаецот да се деградира и да се постави на работно место кое нема да му одговара, со намера самиот да си даде отказ. На пример, договараат да го прераспоредат во полициска станица Арачиново или да го стават шофер во возниот парк. 
Овој метод е доста употребуван, односно наместо директно да добијат отказ, што би било незаконски, се врши прераспоредување, од една работна позиција на друга пониска или од еден во друг град. На тој начин, не можејќи да се изборат со притисокот, самите си даваат отказ.
 
Од „бомбите“ на СДСМ се слушна и за политичкиот договор работните места да ги изгубат Билјана Јовановска и нејзиниот сопруг Томче Ѓуровски. Тие, во 2011 година, поради политичка одмазда останаа без своите работни места, бидејќи како поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ почнале да не се согласуваат со нивните ставови и излегле од партијата. Јовановска беше директор на Агенцијата за вработување, а Ѓуровски заменик-директор на Фондот за здравство.
Јовановска, како што раскажува за „Фокус“, правдата ја побарала на суд, но од таму добила само право на апанажа, односно да земе средства во период од една година, колку што ѝ била платата, и паричен надомест. Таа вели дека неодамна ѝ бил исплатен дел од апанажата, и тоа под притисок на медиумите кои почнаа да се интересираат за нејзиниот случај. Нејзиниот сопруг, пак, правната битка допрва ќе ја води пред Управниот суд.
 
Освен што ги изгубија државните работи, тие беа спречени и приватно да заработуваат за својата егзистенција, бидејќи и покрај сите документи и одобренија, општинските власти им се закануваат дека ќе им го урнат монтажниот објект што го градат во склоп на ресторанот, во нивната семејна куќа.
- И по толку години притисокот од власта не запира, децидна е Јовановска.

 
 
И СУДОТ ЗАСЛЕПЕН ОД ПОЛИТИЧКАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА

На адреса на Хелсиншкиот комитет за човекови права честопати стигнуваат претставки од граѓани кои се жалат на политичка дискриминација. Оттаму истакнуваат дека овозможиле бесплатна правна помош на разрешените осум директори на основни и средни училишта во Општина Гостивар, кои останаа без работа кога на фотелјата седна новиот градоначалник.  
- Биле разрешени без притоа да биде запазена постапката за разрешување, односно одлуката за разрешување да биде донесена од училишните одбори во конкретните училишта, велат од Хелсиншкиот комитет, од каде што го искористиле правото за учество во постапката во својство на вмешувачи, како организации односно здруженија на граѓани кои во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита на правата на еднакво постапување.
Од невладината објаснуваат дека иако во текот на судската постапка биле доставени голем број на докази, врз основа на кои Основниот суд Гостивар можел да утврди дека била сторена дискриминација, сепак била донесена негативна одлука. Иста одлука донел и Апелациониот суд, по поднесената жалба.
 
-И покрај доказите врз основа на кои можеше да се докаже дека во конкретниот случај е вршена дискриминација од страна на тужените, судот одлучи да не го префрли товарот на докажување на страната на тужените и ја водеше постапката како обична граѓанска постапка во која тужителите треба да ја докажуваат основаноста на тужбеното барање. Сметаме дека судските постапки во кои се бара утврдување дискриминација не може да бидат третирани на ист начин како и останатите граѓански постапки, поради сензитивноста на предметите, како и поради фактот што во најголемиот број случаи дискриминираните не располагаат со информациите и податоците што ги имаат на располагање единствено тужените, појаснуваат од Хелсиншкиот комитет.
 
Оттаму велат дека во Законот за заштита од дискриминација јасно стои дека докажувањето дека немало дискриминација паѓа на товар на спротивната странка. Токму затоа, најавија дека за овој случај ќе биде поднесено барање за заштита на слободите и правата до Уставниот суд.
 
Поразителната статистика и примери дека ниту една надлежна институција во земјава не ја гледа политичката дискриминација, изгледа деохрабрувачки врз граѓаните, кои биле жртви, да ја бараат правдата. Дел од нив барем се охрабруваат да ја информираат јавноста, иако веќе одамна е познато дека без партиска книшка вратите во државната администрација се затворени. Тие што, пак, случајно залутале или останале од минатото, треба да се потрудат да обезбедат партиска поддршка зашто во спротивно се соочуваат со деградирање во професијата, а најчесто и отказ. Очигледно е дека знаењето е во универзитетската диплома, но моќта сѐ уште е во партиската книшка!
 

УСТАВНИОТ СУД ПОВТОРНО НА ТЕСТ

Судот не виде политичка дискриминација ниту во постапката што беше поведена против в.д. директорот на ЈП Комуналец Гостивар, од страна на неколкумина раководители во претпријатието, кои биле распоредени на други работни места поради својата политичка припадност. Постапката е правосилно завршена, а одлуката е негативна. 
Сепак, како што нѐ информираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права, позитивен знак е што за овој случај откако беше поднесено барање за заштита на слободите и правата до Уставниот суд, е донесена одлука да се одржи јавна расправа. 
Во негативната одлука на основниот суд било констатирано дека тужителите пред да поднесат тужба требало да поднесат претставка до Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД). 
 
-Ова претставува евидентен пример за погрешен став и пракса, поради што посочуваме дека КЗД е независно тело кое донесува мислења и препораки по поднесени претставки и нејзината функција не е на било каков начин поврзана со судската заштита од дискриминација. Укажуваме дека мислењето на КЗД во кое се утврдува дека имало дискриминација може само да биде искористено како материјален доказ во судската постапка, но не треба да биде обрзувачко за надлежниот суд во носењето на одлуката, велат од Хелсиншки.
 
Доколку овие граѓани својата правда не ја добијат ниту пред Уставниот суд, бидејќи од 17 вакви предмети, ниту еден не завршил во полза на дискриминираните, тогаш најавуваат дека ќе поднесат тужба до Судот за човекови права во Стразбур.



МЕМЕТИ: ПАРТИСКАТА ПРИПАДНОСТ ОСНОВЕН УСЛОВ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Дека партиската припадност е основниот услов за вработување во јавниот сектор утврдил и народниот правобранител Иџет Мемети, во годинешниот извештај. 
-Објавувањето огласи за прием на поголеми групи лица по разни основи и за недефинирани потреби на јавниот сектор е многу лоша практика, која препорачувам дека треба да прекине. Се сеќавате на огласите за групно вработување, по 1.000, по 500 луѓе, вели правобранителот Мемети.
 
 
 
 Автор: Валентина Стојанчевска
 
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија. 
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.
 
 
 


 
< Претходно   Следно >
 EN en
 
sq
SQ

ТИ-М на социјалните мрежи

facebook_32.png twitter_32.png
blogger_32.png
youtube_32.png
izbori.jpg
audeo.jpg
transparentnost_newsletter

Newsletter - Пријава








Advertisement
bistromatno
Advertisement
Advertisement
 

Анкета

Дали во наредните 3 години корупцијата во РМ ќе се...
 

Донатори :

auswartiges.jpg
dep_symbol.jpg
european.jpg
norway.jpg
rijkslogo_en.jpg
ned-logo.jpg
 osce.jpg
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
© Транспаренси Интернешнл - Македонија. Сите права задржани