logo_mkd_jpg_copy
prijavi_korupcija1

ТИ - Македонија

Актуелно

* Канцеларијата за правни совети на "Транспарентност Интернешнл - Македонија" објавува дека ќе биде отворена за прием на граѓани.

**  Со сите заинтересирани граѓани кои сакаат да    пријават случаи поврзани со корупција, ќе разговараат правни советници.

***  Сите состаноци потребно е претходно да се закажат.Канцеларијата не постапува по анонимни пријави. 

Login Form






Си ја заборавивте лозинката?

Вести

 
rss.2.0.gif
 
veruvale-ili-ne.png

 


izbori-sem.jpg
plakat-bunar-bez-dno-mak-we.jpg
 
poster_transp.jpg
 
 
Вести arrow Вести arrow Полициски функционери краделе од МВР, службеничката што ги пријавила останала без работа
whistleblowers.jpg
Полициски функционери краделе од МВР, службеничката што ги пријавила останала без работа Испечати Е-пошта
whistleblowers.jpg
 17.07.2015 Македонската практика многупати покажала дека наместо крадецот, виновен е тој што го пријавил. Ова секако дека потсетува на актуелната политичко-правна ситуација со аудиоснимките од прислушувањето. Зоран Заев е одговорен што ги поседува материјалите и што јавно ги објавува и затоа досието „Пуч“ се форсира од страна на државните институции, но не и Никола Груевски и неговите соработници кои зборуваат како земаат провизии, како местат случаи, како вработуваат партиски послушници, како го контролираат судството, како ги штитат своите сомнителни активности... Кривичните пријави против нив и сомневањата за нивните злодела се само на хартија и во ваква поставеност на надлежните органи никогаш и нема да се процесуираат.
 
Кога ситуацијата е таква со политичкиот врв можеме само да замислиме како е со пониските структури во општеството, со оние кои немаат начин да ја анимираат јавноста или, пак, исплашени за животот и егзистенцијата, не се ни обидуваат да пријават. Таков е случајот со Зорица Лазаревска од Скопје, која по 32 години работа во Министерството за внатрешни работи минува низ пекол. Во моментов е дома, отстранета од работното место затоа што открила криминал на претпоставените. Но, наместо државните институции да ги гонат тие што краделе и фалсификувале документи и така ја оштетувале државата и правеле незаконски профит, таа се соочила и со казни, со судски процеси и на крајот со отказ. За неа сигурно важи познатата изрека - каде има сила нема правдина.
 
 
 

„Фокус“ уште пред неколку години пишуваше за овој случај, кога Лазаревска се уште имаше работна позиција во МВР, пред да се соочи со отказ. Оттогаш, по неколку години, нејзината потрага по вистината не е завршена, но не се прекинати ни притисоците, заканите и уцените. Оставена сама во својата битка таа одново отвора фронт против власта, против оние кои знаат или биле вклучени во незаконски дејства, а притоа никој не сакал или не смеел да ги истражува и да ги открие и да ги санкционира.
 
 

ГИ ФАТИЛА НА ДЕЛО, КАКО ДА НАПРАВИЛА ЗЛОДЕЛО

Одиме со ред, за да направиме реконструкција на настаните и да покажеме како една работничка во државната администрација цела декада се бори против државата и против власта со цел да се казнат виновниците. Од позицијата во финансискиот сектор на МВР, или поточно како читач на сметки за возниот парк на полицијата, Лазаревска почнала да се сомнева дека се случуваат нелогични и незаконски постапки. Тоа се случило во далечната 2000-та година кога претпоставениот на Лазаревска и наложува да направи контролна ревизија на потрошените пари за гориво и за купени резервни делови за некои службени возила.
 
Правејќи ја ревизијата, таа стигнува до фрапантни податоци, толку сомнителни што на секоја истражна институција би и отвориле пат за кривично гонење. Имено, Лазаревска детектирала дека некои вработени во МВР трошеле и по 1000 литри гориво за еден месец. Друго објаснување, освен дека горивото завршувало во приватни возила, не можело да има, особено ако се знае дека началниците кои го правеле тоа не ни имале право секојдневно да користат службени возила. Уште пострашно е што сомнежите на ревизијата оделе до таму што биле подигани пари за гориво, а се полнело гориво фиктивно и во расходувани и расипани возила, кои не биле во возна состојба.
Поттикната од првичните сомнежи, иако не била со решение вработена на таа позиција, но морала да ја извршува функцијата, благајничката Лазаревска започнала со подлабока проверка на документацијата. Да знаела како ќе заврши, можеби немала да отвори ниту една фактура и ќе премолчела, но таа мислела дека целиот криминал што го открила ќе биде причина за истрага на надлежните институции. Секако дека се излажала, оти тие кои заработувале од државните пари наменети за гориво се уште се на високи позиции во МВР, а таа како пријавувач на незаконието е отстранета од работа. 
 
Како илустрација - проверката на документите за едно возило покажала дека за месец и пол биле потрошени над 11,5 илјади тогашни германски марки за делови, а во тоа време за тие пари можеше да се купи ново возило. На истото возило за 15 дена му биле заменети седум надворешни гуми. Нелогичните бројки биле доволно Лазаревска да се обиде да го пријави криминалот со надеж дека виновниците ќе завршат казнети и сменети, но испаднало дека таа настрадала. Едноставно, километражите и количината потрошено гориво не одговарале, а резервните делови се купувале како да се од хартија.
 
Само што го открила криминалот, неколкумина началници во МВР, со цел да ја спасат сопствената кожа, започнале да и се одмаздуваат. За почеток започнале да ја претресуваат секој ден кога заминувала од работа исплашени дека Лазаревска ќе однесе дел од документацијата во јавното обвинителство за да отвори истрага. По завршување на работното време таа била специјално претресувана, иако не смееле тоа да и го прават, но стравот дека ќе се дознае за украдените гориво и резервни делови ги принудувал началниците да излегуваат надвор од овластувањата и правилниците. Но еден ден Лазаревска била киднапирана во самото министерство, а тогаш Сител објави дека се случува заложничка драма во МВР.
 

НАМЕСТО ПРИЈАВЕНИТЕ ГО ГОНАТ ПРИЈАВУВАЧОТ

Да знаела што ја очекува понатаму, откако го открила грабежот, Лазаревска можеби и би премолчела, но вербата во институциите и давала надеж дека еден ден одговорните ќе бидат казнети. Арно ама, тие, наместо да се соочат со законот ги искористиле позициите и започнале со одмазда кон неа. За почеток, најлесно им било да ја преместат на друго работно место кое веднаш било укинато, па морала да работи како хигиеничарка, што подалеку од финансискиот сектор и од документацијата. Но не само тоа, неколку дена полициска патрола и стоела пред домот и ја следела. Исплашена за себе и за своето малолетно дете таа започнала со работа во кујната во полициската станица во населбата Лисиче. Тоа значи дека не само што била преместена туку и деградирана.
 
Оттогаш започнува нејзината институционална битка - за почеток го обжалила решението за новото работно место. Но тоа не е ништо во споредба со тоа што следувало потоа. Тамошниот претпоставен и пренел дека новото работно место и е казна бидејќи во МВР била фатена во криминал!? Сосема спротивно од реалноста. Таму била најсурово измачувана, од прскање до гола кожа со ладна вода од црево за полевање до навредување, но и физички напад, како што вели таа, од страна на Р. Ј., па завршила во болница и на боледување од три месеци. 
 
Откако тужела за разместувањето, добила ново решение со кое е прогласена за технолошки вишок. Од МВР признале дека местото на кое е разместена, навистина е укинато и носат ново решение за престанок на работата по потреба на службата. Секако дека таа поднесува приговор и тужба, но пред да се донесе пресуда, од МВР ја враќаат на работното место што сами го прогласиле за укинато.
 
Поради незаконското разместување, Зорица ја активира првата тужба за разместувањето и цели три години работи како хигиеничарка и по судовите ја бара згазената вистина и правда. Иако судот одлучува во нејзина полза, сепак раководството во МВР наместо во финансискиот сектор ја носи во кадровската служба на министерството. Извршувајќи ги работните задачи, таа низ досиејата открива дека вработен во МВР кој извршил убиство и натаму не е одјавен и прима плата. Мислејќи дека е некоја грешка, го запознава претпоставениот, но наместо да се бара виновникот за пропустот, на Зорица и се забранува пристап до досиејата на вработените во СВР Скопје.
 
Потоа ја ангажираат на вонреден попис на инвентарот на МВР и сите полициски станици во СВР Скопје. Прво е член на комисија во редовен попис во СВР Скопје, а откако го извршува најдобро пописот, ја ставаат во повеќе пописни комисии како претседател на вонредниот попис. Одговорноста кон работните задачи и тука ја фрла во конфликт со високи функционери, кога открива дека нови возила ги отпишуваат како расходувани, а ги возат раководни лица, додека дотраените и расходувани возила се запишуваат во возниот парк на МВР. 
 
Заради повеќе тужби поднесени против МВР, за да биде подалеку од централата, во септември 2007 година ја распоредуваат надвор од Скопје во СВР Куманово, во дежурен оперативен центар. Позицијата наложувала да носи униформа со каква што никогаш не ја задолжиле. На претпоставените во СВР Куманово им наредиле да не ја пуштаат на работно место без униформа, а од МВР не и даваат! Зорица тогаш била принудена по 12 часа да поминува на клупа. Не и било дозволено ни тоалет да користи, а морала да биде на работа по 12 часа, за да не и престане работниот однос.
 
Не можејќи да го издржи притисокот, таа пријавила во трудова инспекција и кај народниот правобранител. Барала и телевизија да снима, но кога една новинарка од ТВ Телма сакала да снима, била избркана од началничката на аналитика во СВР Куманово. Откако реагирал народниот правобранител и трудовиот инспектор, по едномесечно малтретирање по клупите пред станицата, донеле наредба да ја пуштат на работа. Но и направиле толку лошо работно време што не можела да патува. Ја ставиле да работи во три смени, од кои едната и завршувала во 23 часот, а имала автобус само до 20.
 
Потоа, кога завршила во секторот за аналитика, заради постигнатите резултати бил даден предлог да биде наградена со 15 отсто зголемен личен доход, поради највисоките оценки што ги добила. Оценувањето не им се допаднало на високи функционери во МВР, а наградата од предлогот никогаш не ја добила бидејќи министрката Гордана Јанкулоска лично и рекла дека таа никогаш нема да дозволи да биде наградена со објаснување дека „ти пред мене одговараш, не јас пред тебе“.
 
Од почетокот на настаните, од 2000-та година кога прв пат го открива криминалот, до денес, луѓето, за кои се дознало дека краделе гориво и резервни делови, се провлекуваат на високи функции без никој да ги казни, а за цело време тие не се откажале од намерата да и наштетат на Лазаревска. 
 
 

НЕМОЌНА ПРОТИВ МВР ПОДНЕЛА ПРИЈАВИ ВО СУДОТ 

Откако сфатила дека не може да ја докаже вистината преку интерните органи на МВР, Лазаревска почнала да поднесува судски пријави. Води паралелно три постапки, токму за оние случаи кои сакале да ги искористат за да и се одземе овластувањето како службено лице за полесно да биде избркана. Прво пријавила за случајот дека додека била на боледување наводно не пријавувала кај претпоставените. Како сведок во процесот се појавил и еден од претпоставените, но судот спротивно на исказите и доказите носи пресуда на нејзина штета, односно во полза на МВР. Сега овој предмет е на ревизија во Врховен суд. 
 
Понатаму, Лазаревска покренува процес во случајот со решението со кое ја казнуваат три месеци од плата. Тогаш, кога и го дале решението, на него пишувало дека има и прилози, но неа не и биле дадени ниту белешки, ниту записници, ниту зошто конкретно е казнета. Затоа таа на самото решение го пречкртала делот каде што стои дека и дале и прилози кон решението. За тоа и покренале дисциплинска мерка за тешко кршење на дисциплината. Чудно во овие случаи со боледувањата е што на Лазаревска и одбивале од плата, а потоа низ процесите се тврдело дека не доставувала документација за боледувањата.
 
Третиот процес е за случка во текот на еден викенд. Таа била повикана да дојде на работа во сабота заедно со сите од аналитика, но наместо сите доаѓаат само Зорица и една од колешките. На работа не се појавила колешката кај која бил записникот за прекршочните пријави во кој Зорица требало да ги заведе заостанатите прекршочни пријави и затоа морала да дојде и наредниот ден, во недела, за да ја заврши работата. Во понеделникот очекувала дека ќе и се потпишат на записникот, оти ги завршила сите пријави, но наместо тоа, и отвориле дисциплинска постапка зошто самоиницијативно дошла на работа во недела!? 
 
- Во овој судски процес се појавија и фалсификувани документи дека викендот сум била на одмор, кои се искористени како лажен доказ „фалсификат за кој се одговара и кривично“. Буквално за секоја ситница, колку и да се трудев да се покажам како работник, моќните функционери ја извртуваа вистината против мене - се жали Лазаревска. 
 
Но, да се само овие три судски процеси, во кои МВР секогаш излегува како победник, може и ќе беше полесно, но Лазаревска е принудена да отвори и други два. Имено, во текот на 2011-та година никој не го оценил нејзиното работење, иако тоа е задолжително. Потоа истото се случило и во 2012-та. Во  март 2013-та поднела и писмено барање да биде оценета до началникот на СВР Куманово, но добила одговор дека веќе била оценета од началничката по аналитика, бидејќи претходно одбила да го потпише формуларот. Апсурдот е во тоа што формуларот бил пополнет во март, а во документот стои дека наводно одбила да потпише во февруари.
 
Пред да го образложиме петтиот и можеби најважен случај за судбината на Лазаревска, да наведеме дека трите први тужби во врска со дисциплинските постапки се во Врховен суд, а таа со оценувањето на нејзината работа е во апелација.
Да дополниме дека најголемите проблеми во Куманово и се појавуваат кога таа писмено ги известува Груевски и Јанкулоска дека во станицата се кријат прекршочни пријави до нивно застарување.
 
- Сите процеси ги следат чудни пресврти и ситуации, па затоа сето ова трае со години, со промена на судии, со неколку пати преотварања на постапките и со постојано појавување нови докази само за да се издејствува мое омаловажување и елиминација - пренесува Лазаревска. Иако некои од процесите прво ги добивала, сепак ниту еден од одговорните во МВР не одговарал.
 
 

МИСИЈАТА Е УСПЕШНА - ВРАБОТЕНАТА Е ИЗБРКАНА

Секако дека кога поединец ќе започне битка против државата, во случајов против МВР, загарантиран му е пораз. Намерата на инволвираните во незаконитостите се исполнува. После низа обиди и перипетии во судските случаи Лазаревска конечно е отстранета од работното место. Но прашање е дали и тоа е изведено согласно законот. Неможејќи да најдат начин како да ја избркаат надлежните ја испраќаат во пензија, но и тука имало недоследности. Според колективниот договор, вработен оди во пензија кога ќе наполни 40 години стаж без разлика на возраста и така го исполнува правото на полна пензија. Но, иако во ПИОМ постојат сите одработени години, кои и во листите за плата во МВР фигурираат повеќе од 22 години, од МВР и бришат дел од стажот за да ја пуштат со 15 години работен стаж.
 
-Тие најдоа начин како да ми избришат години од мојот стаж. Иако во пензиско се уште постојат податоци колку сум работела, тие прават се да не го исполнам правото. Решението кое ми го дадоа е дека се пензионирам со само 15 години стаж, а не со 40. Поднесов приговор до второстепената комисија, кој за чудо ми беше прифатен, а со тоа мора да продолжам да одам на работа за да ги доисполнам тие 40 години за кои ми недостасуваат уште неколку месеци. Но, наместо да почнам да одам на работа, повторно полицајците на капија не ме пуштаат да влегувам од причини познати само ним - пренесува Лазаревска.
 
Ова се случува во октомври 2013-та, а таа оди на работа се до јули 2014 кога практично исполнува 40 години стаж. За овој спорен период Лазаревска има документација која потврдува дека одела на работа и дека го исполнила условот за целосна пензија. Но, и покрај тоа, одново и даваат решение за пензија со помал стаж кое сега е повторно обжалено и за кое се чека одлука речиси две години. Во меѓувреме, Лазаревска не прима ниту пензија, ниту и се плаќаат придонесите. Со тоа практично 15 години и се одмаздуваат само затоа што открила криминал со гориво и резервни делови. Последните 18 месеци таа е на крстопат во очекување дека судот и другите институции ќе и помогнат. Едноставно, иако одамна Македонија требаше да има закон со кој ќе се заштитуваат пријавувачите на кривични дела, сепак факт е дека таквите, кои ќе се охрабрат, потоа страдаат, затоа што пријавените се посилни. 
 
 

ГРУЕВСКИ И ЧАВКОВ ГО ЗНААТ СЛУЧАЈОТ

Лазаревска за своите патешествија неколку пати ги има известено премиерот Груевски и министерот Чавков, кои дури и побарале и дополнителни докази за криминалот со горивото и резервните делови, но сето тоа било само шминка. Никогаш никој од нив не пројавил интерес за некаква истрага. Според претпоставките на Лазаревска, затоа што во вмешаните имало нивни соработници кои низ годините наместо да бидат гонети, биле наградувани и унапредувани. Лазаревска за сите сомнежи за криминал успеала сепак да ја обезбеди документацијата и да ја предаде кај надлежните, но и кај политичките авторитети, но никој од нив нема интерес, иако е интерес на државата да го истражи случајот и да утврди кој крадел.

 
 
ЛАЗАРЕВСКА СЕ ПРЕПОЗНАЛА ВО „БОМБИТЕ“ НА ЗАЕВ

На една од аудиснимките од прислушуваните разговори кои ги објавува опозицијата екс-министерката Јанкулоска и екс- директорот на УБК Мијалков зборуваат за тужбите кои вработените ги поднеле против МВР. Налутена од големиот број тужби Јанкулоска се заканува дека сите ќе ги избрка од работа ако не ги повлечат. Дури последните години синдикатот на полицијата имаше известувања до вработените да ги повлечат тужбите. За да биде стравот уште поголем, голем број полицајци кои имаа добиено со пресуди по три илјади евра, на крајот под притисок се решија да ги повлечат тужбите и да не наплатат отштета. 

 
 
ЛАЗАРЕВСКА: МЕ КИДНАПИРАА ЗА ДА МЕ ЛИКВИДИРААТ

Откако го открила криминалот, а пред да започнат процесите, Лазаревска тврди дека ја киднапирале и ја затвориле во канцеларија во МВР. Телефонот и го исклучиле и ја спречиле да комуницира со детето. – Знаев дека сакаат да ме ликвидираат, да ме фрлат од прозорец за да изгледа како самоубиство. Дури имаа повикано и лекар однапред да ја констатира мојата смрт. Дури доцна вечерта ме ослободија откако дојдоа високи преставници на МВР и на Владата, па изгледа заклучија дека е подобро да ме остават жива и да се биеме на суд, отколку да ме убијат- се присетува Лазаревска.
 
 
Автор: Љубиша Арсиќ

Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија. 

Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.
  
 

 
< Претходно   Следно >
 EN en
 
sq
SQ

ТИ-М на социјалните мрежи

facebook_32.png twitter_32.png
blogger_32.png
youtube_32.png
izbori.jpg
audeo.jpg
transparentnost_newsletter

Newsletter - Пријава








Advertisement
bistromatno
Advertisement
Advertisement
 

Анкета

Дали во наредните 3 години корупцијата во РМ ќе се...
 

Донатори :

auswartiges.jpg
dep_symbol.jpg
european.jpg
norway.jpg
rijkslogo_en.jpg
ned-logo.jpg
 osce.jpg
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
© Транспаренси Интернешнл - Македонија. Сите права задржани