logo_mkd_jpg_copy
prijavi_korupcija1

ТИ - Македонија

Актуелно

* Канцеларијата за правни совети на "Транспарентност Интернешнл - Македонија" објавува дека ќе биде отворена за прием на граѓани.

**  Со сите заинтересирани граѓани кои сакаат да    пријават случаи поврзани со корупција, ќе разговараат правни советници.

***  Сите состаноци потребно е претходно да се закажат.Канцеларијата не постапува по анонимни пријави. 

Login Form






Си ја заборавивте лозинката?

Вести

 
rss.2.0.gif
 
veruvale-ili-ne.png

 


izbori-sem.jpg
plakat-bunar-bez-dno-mak-we.jpg
 
poster_transp.jpg
 
 
Вести arrow Вести arrow Повеќе од две години чекаат решенија за државни службеници
whistleblowers.jpg
Повеќе од две години чекаат решенија за државни службеници Испечати Е-пошта
whistleblowers.jpg
14.03.2016 Во јавноста често пати се пишува за условите во кои се наоѓаат притворениците и затворениците, а многу ретко за оние кои се од другата страна на решетките, вработените во затворите. 
Конечно и тие решија да го кренат гласот и да се изборат за своите права. Дури 16 години им ветуваат дека ќе добијат зголемување на платите, а повеќе од две години ги чекаат и законските решенија за државни службеници. Штетата е направена и веќе се брои во милиони евра.
 
Години наназад, од низа домашни и меѓународни институции Македонија добива сериозни критики за третманот на затворениците и притворениците. Или накусо речено, затворите се пренатрупани, а во нив владее тортура и криминал.
Но, освен „станарите“ во затворите, на лоши услови со години се жалат и стотиците вработени, кои, како што велат, се крајно револтирани од третманот кој го добиваат од државата. За разлика од повеќето вработени под државна капа, на кои најчесто работниот ден им се опишува како „клати врата, земај плата“, овие „буџетари“ имаат доволно стресна работа, за која се недоволно платени.
 


Нивната егзистенцијална приказна трае со години. Во 2000 година земале плата од 8.000 до 11.000 денари, а денес, шеснаесет години подоцна, џебот не им е значително пополн. Па така, иако голем дел од нив имаат завршено високо образование, земаат плата од 17.000 денари. 
Она што е уште побизарно од нивните месечни примања, е дека на хартија, нивниот проблем е решен уште пред повеќе од две години, но од страна на надлежните, теоријата се уште не се спроведува во пракса. Поточно, иако овие вработени со донесување на Законот за државни службеници во 2013 година, добија статус на јавни и државни службеници, а потоа нивниот статус се регулираше со уште неколку закони, сепак надлежните се уште ги исплаќаат според Законот за работни односи. Затоа, не може а да не се постави прашањето, зошто на 730 вработени со месеци им се исплаќаат пониски плати од оние кои законски им следуваат?
 

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДИРЕКТОРКАТА ГАВРИЛОВСКА

И покрај огромното незадоволство од условите во кои работат, сепак овие вработени ретко го креваат гласот за да се изборат за своите работнички права. Неколку пати, срамежливо, го искажуваа револтот најавувајќи штрајк, но набргу се премислуваа и се повлекуваа. Нашите соговорници велат дека нивната храброст попуштала пред заканите за казни или отказ. 
Но сега, гневни од, како што велат, празните ветувања, преку анонимен допис се обратија до нашата редакција. Во него, во улога на „свиркачи“ или пријавувачи, објаснуваат дека институциите во кои работат не ги почитуваат законите, со што им нанесуваат штета.
Револтирани од игнорантскиот однос на Управата за извршување на санкции и Министерството за правда, одлучиле проблемот конечно да го решат со поднесување кривична пријава.
- Поднесовме кривична пријава против директорката на Управата за извршување на санкции, Лидија Гавриловска, поради непримена на донесен Закон за државни службеници. Овој закон беше донесен во декември 2013 година, а со него иако се опфатени и вработените во затворите, надлежните упорно не го спроведуваат. Крајниот рок за спроведување на законот е донесување на единствениот Закон за јавни и државни службеници во февруари 2014 година, но надлежните се уште не водат по стариот Закон за работни односи, се вели во дописот испратен до „Фокус“.
Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), потврдуваат дека против директорката Гавриловска е поднесена кривична пријава.
- Кривичната пријава е поднесена уште пред три месеци, но од обвинителството се уште немаме повратна информација. Досега испративме и две ургенции, но не добивме одговор за тоа каде е заглавена работата, велат од УПОЗ.
Од синдикатот појаснуваат дека во пријавата се повикуваат на член 353 од Кривичниот законик, односно Злоупотреба на службената положба и овластување.
„Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години“, се вели во став 1 од членот 353.
Директорката Гавриловска директно не ни одговори на нашето прашање дали ја примила кривичната пријава, но ни појасни дека овие вработени наскоро ќе ги добијат новите решенија, бидејќи досега се вршело усогласување на законите и правилниците. Таа истакна дека новата систематизација е веќе направена и се чека зелено светло од Министерството за информатичко општество и администрација.
- Оваа ситуација не можеше да се реши преку ноќ. Процедурата е при крај и се надевам дека овие вработени февруарската плата ќе ја земат според новите решенија, вели Гавриловска.
Нашите соговорници, пак, велат дека досега постојано добивале лажни ветувања, па затоа, додека не ги земат решенијата во раце нема да поверуваат.
- Една од последните информации што ја добивме е дека решенијата ќе ги добиеме на 4 март, но овој датум помина, а ние останавме со празни раце. Сега, пак, новата прогноза е дека ќе ги добиеме на 15 март, велат вработените од затворите.
Од Министерството за информатичко општество и администрација, пак, потврдуваат дека систематизацијата се уште не е потпишана, но уверуваат дека тоа ќе се случи наскоро.
 

СЕКОЈ ВРАБОТЕН Е ОШТЕТЕН ОД 5.000 ДО 7.000 ЕВРА

Директорот на најголемиот затвор во државата „Идризово“, Живко Пејковски, вели дека систематизацијата е готова, и ја добиле на 29 февруари, а сега чекале одобрување од Министерството за финансии.
- Од Министерството за финансии се врши проверка на документите, односно дипломите на вработените и слично, по што треба да ги добиеме Ф1 обрасците. Очекуваме вработените мартовската плата да ја земат како државни и јавни службеници, вели директорот Пејковски. 
Вработените се надеваат дека со новите решенија конечно ќе дојдат до повисоки плати. Сега, велат дека нивната финансиска состојба е повеќе од мизерна.
- Ние чуварите земаме бруто плата од 20.000 денари, односно ако се изостават придонесите добиваме 13.000 денари. На оваа сума се додава паушал од 4.100 денари, на кој се плаќа само персонален данок од 10 проценти, вели нашиот соговорник.
Тој објаснува дека паушалот го добиле со одлука на Владата уште во 2000 година, но уште тогаш добиле и ветување дека платите ќе им се изедначат со вработените во Министерството за внатрешни работи.
„Владата укажа дека целосното решавање на проблемот ќе се надмине со донесувањето на прописите за плати на сите буџетски корисници, така што платите на припадниците на службите за обезбедување ќе се нивелираат со платите на припадниците на полицијата“, се наведува во одлука на Владата донесена на седница одржана на 12 декември 2000 година.
Сега, во февруари годинава, Владата донела нова одлука, односно повторно да се обезбедат средства за внесување на паушал од 35 проценти во основицата на платата.
„За реализација на ова барање 35 милиони денари да се обезбедат со пренамена во буџетот на Управата за извршување санкции, а останатиот дел од околу 15 милиони денари Министерството за финансии да ги обезбеди при правење ребаланс на буџетот во 2016 година, откако претходно Управата за истите ќе поднесе барање до Министерството за финансии“, се наведува во одлуката на Владата донесена на седницата одржана на 2 февруари годинава. 
Останува нејасно зошто Владата донела одлука за обезбедување на средства за паушал, кога според директорот Пејковски, тој сега ќе се укине.
Затоа и чуварите во затворите стравуваат дека и со новите решенија нема да добијат поголеми плати, бидејќи ќе им се укине паушалот, па и со најавеното покачување ќе останат на исто рамниште.
Сепак, од УПОЗ уверуваат дека со новата систематизација, со која овие вработени конечно ќе станат јавни службеници, ќе се подобри нивната финансиска состојба. Од таму истакнуваат дека покрај поднесената кривична пријава, оштетените можат во граѓанска постапка да побараат обештетување, односно да побараат да им бидат исплатени средствата кои требало да ги добијат доколку законите биле навреме имплементирани.
- Секој вработен е оштетен за сума од 5.000 до 7.000 евра, кои можат да си ги побараат на суд, велат од УПОЗ.
Ова значи дека поради неажурноста на институциите кои навреме не ги спровеле законите во пракса, на вработените им е направена штета од околу 5 милиони евра. Доколку оваа сума им биде одредена и од судот, тоа би можело да значи финансиски колапс на Управата за извршување на санкции, која и сега одвај врзува крај со крај.
 

ЗАТВОРИТЕ СЕ ДАВАТ ВО ДОЛГОВИ

Иако надлежните институции тврдат дека решавањето на деценискиот проблем на овие вработени е пред самиот финиш, сепак останува нејасно зошто тогаш Владата ја донела одлуката за обезбедување средства за исплата на паушал, а од друга страна, пак, во буџетот за 2016 година на Управата за извршување на санкции не се предвидени повеќе пари за плати. Па така, во 2015 година за плати на вработените во казнено поправните установи биле издвоени 5,4 милиони евра, а годинава само 133.000 евра повеќе. За споредба, овие дополнителни средства се малку, бидејќи само за паушал се додавале над 800.000 евра, а него го земаат само униформираните вработени, односно чуварската служба. 
Со пари кубурат и затворите. Директорот на „Идризово“, Пејковски, вели дека се снаоѓаат, иако е познато дека имаат долгови. Тргнувајќи од малиот број возила, кои се недоволни за транспорт на затворениците до судовите, поради што често се одложуваат рочишта, па се до долговите кон добавувачите на храна.
Сепак, директорот појаснува дека поголемиот дел од долговите се од 2012 и 2013 година, кога била извршена пренамена на средства од буџетот, односно им биле земени 22 милиони денари. Признава и дека има недостаток од возила.
- Се уште ни фалат возила за без проблем да ги носиме затворениците на суд, бидејќи се 1.970, а поголемиот дел од нив имаат активни судења. Сепак, во пресрет ни излегуваат од Агенцијата за управување со одземен имот, вели Пејковски.
Но, буџетите на затворите дополнително се оптоварени и допрва ќе се оптоварат и од стотиците тужби кои вработените ги поднесуваат против овие институции. Па така, според информации од вработените, во затворот „Идризово“, од 250 униформирани вработени тужби за неисплата на дополнителни средства за работа во смени, за ден за неделен одмор, за бонус плата, поднеле околу 150 вработени. Иста е состојбата и во останатите затвори низ државата, за што добиваат милионски оштети. 
Дека вработените во затворите воопшто не се задоволни од условите во кои работат покажуваат и резултатите од истражувањето „Ставовите на вработените во пенитенцијарните установи во Македонија“, кое го спроведе Факултетот за безбедност. Дури 93,5 проценти од испитаниците изјавиле дека нискиот личен доход за нив претставува проблем со кој се соочуваат во текот на работата. Освен на малите плати, 83 проценти се изјасниле и дека немаат доволно средства за работа, а еден процент помалку сметаат и дека пренатрупаноста во затворите дополнително им ја отежнува работата.
Покрај лошите услови во кои работат, дел од вработените, или 14,5 отсто истакнале дека од нив било побарано да извршат наредби спротивни на законите, а 59,6 проценти одговориле и дека работат под притисок. 
Заклучокот од истражувањето е дека да работите во затвор е една од најстресните професии во Македонија. Затоа професорот Љупчо Арнаудовски вели дека државата мора да обрне внимание на условите во кои работат овие луѓе, бидејќи, како што вели, сепак се живи битија. Тој порачува дека условите за работа мора итно да се подобрат, поточно да се покачат мизерните плати, вработените да добијат соодветна едукација и обука, наместо за 150, еден чувар да биде надлежен за 30 затвореници, како и вработените да бидат вклучени во управувањето и менаџирањето со затворите.
- Оваа книга, овој извештај од истражувањето, вие директорите на затворите да си ја земете, да си ја исчитате и да седнете да разговарате со вашиот персонал, истакна професорот Арнаудовски на промоцијата на истражувањето.
 

ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ БРОЈОТ НА АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ

Откако вработените во затворите ќе ги добијат новите решенија, ќе се закитат со статусот на јавни службеници, што пак ќе придонесе  веќе одамна набилданата администрација да се зголеми за уште 730 вработени. Сепак, точниот број на администрацијата и понатаму е најголемата државна тајна, бидејќи надлежните никако да ги усогласат бројките. Така, според министерката Марта Арсовска Томовска во јавниот сектор работат 127.139 луѓе. Во регистерот за вработени во администрацијата што го објави министерството спаѓаат вработените во јавните претпријатија, локалните самоуправи, институции од централната власт, агенциите, комисиите, но тука не се влезени компаниите каде државата има делумен или доминантен удел во сопственоста. Во бројката ги нема ни државните компании ЕЛЕМ и МЕПСО.
Дополнителниот заменик министер Александар Кирацовски, пак, вели дека бројката е многу поголема.
- Во текот на хаотичното и брзоплето собирање на податоците од институциите од страна на министерството се направени низа неправилности и нерегуларности, меѓу кои, непочитување на рокови, спроведување на несоодветен модел на прибирање на податоците од институциите, што ми дава за право целосно да се сомневам во овој број на вработените во Јавниот сектор, објавен од страна на министерката, вели Кирацовски.
Годинава за плати и надоместоци на администрацијата од буџетот ќе се одвојат над 421 милиони евра. Анализирано по години, издашноста на буџетот за администрацијата од година на година расте. Така, во 2011 година за оваа намена биле издвоени 365 милиони евра, а лани близу 400 милиони евра. Ова значи дека бројот на вработените во администрацијата расте, или растат нивните плати. А, дали и за колку ќе пораснат платите на „новопечените“ административци останува да обелодени систематизацијата. По 16 години чекање можеби конечно ќе го добијат она што одамна го заслужиле, но сега спакувано како предизборен подарок.



Шумари и туристички водичи „чуваат“ затвореници

Освен коригирањето на платите, нашите соговорници велат, дека за да се подобри сликата во затворите, треба да се вработува и соодветен персонал. Тие сведочат дека има многу нелогичности при вработувањата, односно се поставуваат несоодветни кадри за одредени работни места. На пример, истакнуваат дека меѓу чуварите и воспитувачите има вработени кои завршиле Факултет за туризам, Педагошки факултет, Шумарски факултет и слично. Идентична забелешка дава и професорот Арнаудовски.
- Вработените во затворите имаат една од најодговорните улоги во една држава, од криминалци треба да направат повторно чесни луѓе. Не може отпуштени офицери од АРМ да бидат воспитувачи во затвор, вели тој.
 
 
 Автор: Валентина Стојанчевска
 
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија. 
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.
 
 
 

 
< Претходно   Следно >
 EN en
 
sq
SQ

ТИ-М на социјалните мрежи

facebook_32.png twitter_32.png
blogger_32.png
youtube_32.png
izbori.jpg
audeo.jpg
transparentnost_newsletter

Newsletter - Пријава








Advertisement
bistromatno
Advertisement
Advertisement
 

Анкета

Дали во наредните 3 години корупцијата во РМ ќе се...
 

Донатори :

auswartiges.jpg
dep_symbol.jpg
european.jpg
norway.jpg
rijkslogo_en.jpg
ned-logo.jpg
 osce.jpg
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
© Транспаренси Интернешнл - Македонија. Сите права задржани