logo_mkd_jpg_copy
prijavi_korupcija1

ТИ - Македонија

Актуелно

* Канцеларијата за правни совети на "Транспарентност Интернешнл - Македонија" објавува дека ќе биде отворена за прием на граѓани.

**  Со сите заинтересирани граѓани кои сакаат да    пријават случаи поврзани со корупција, ќе разговараат правни советници.

***  Сите состаноци потребно е претходно да се закажат.Канцеларијата не постапува по анонимни пријави. 

Login Form






Си ја заборавивте лозинката?

Вести

 
rss.2.0.gif
 
veruvale-ili-ne.png

 


izbori-sem.jpg
plakat-bunar-bez-dno-mak-we.jpg
 
poster_transp.jpg
 
 
Вести arrow WHISTLEBLOWERS arrow Владата спречува „свиркачите“ да пријавуваат криминал во државните институции
opis-whistle.jpg
Владата спречува „свиркачите“ да пријавуваат криминал во државните институции Испечати Е-пошта
whistleblowers.jpg
07.10.2016 Венецијанската комисија деновиве достави препораки за измена на Законот за заштита на укажувачите (пријавувачи на кривични дела), кој стапи во сила во март годинава, но проблемот е што тој воопшто не се спроведува. Ниту една државна институција нема определено лице кај кое ќе се пријавува криминал, нема тим кој ќе постапува по пријавите и ниту еден надлежен орган - Јавното обвинителство, МВР, Антикорупциска... нема назначено службеници за имплементирање на законот. Очигледно е оти, соочена со истрагите на СЈО, владејачката врхушка се плаши од нови пријави за кривични дела

Во една есенска, ноемвриска ноќ, минути пред полноќ, по итна постапка, пратениците во парламентот изгласаа неколку нови закони и некои измени на старите. Сите произлегуваа од првиот договор во Пржино. Во жестоката дискусија околу измените во Изборниот законик, за тоа дали и како ќе гласа дијаспората, во молк помина Законот за заштита на укажувачите (пријавувачи, „свиркачи“). Истата ноќ, неуморно се гласаше за уште еден нов закон, наметнат од објавените аудиоснимки на СДСМ - Законот за заштита на приватноста. Овој закон го форсираше власта оти мораше да најде начин како да ги запре опозициските експлозии, чија содржина директно беше насочена кон демаскирање на високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ. 
 
 
 

Како пандан на тоа, опозицијата го истурка Законот за заштита на укажувачите. Да потсетиме дека на истата седница беше изгласан и Законот за влада – за нејзиниот технички состав според Договорот од Пржино, но се формираше и Анкетна комисија за прислушувањето, која не си ја заврши својата работа.
 
И што се случи во меѓувреме? Законот за укажувачите, кој условно речено ѝ оди во прилог на опозицијата, но, пред сѐ, на јавноста и на граѓаните, до денешен ден не функционира во практика, но затоа, пак, Законот за заштита на приватноста, кој оди во полза на ВМРО-ДПМНЕ и со кој се спречија нови политички „детонации“ ревносно се спроведува, ако не ги сметаме „дивите“ аудиоснимки, кои се објавуваат на Косово и се однесуваат на политичари Албанци од Македонија. 
 
Значи, власта ја постигна целта и ги спречи „бомбите“, кои ѝ нанесуваа огромна, континуирана и непоправлива штета, но паралелно не прави ништо да обезбеди институциите да почнат да го спроведуваат Законот за заштита на укажувачите. Овој закон треба да ги охрабри вработените во државните институции да пријавуваат корупција и организиран криминал, што би било голем ветар во грбот на Специјалното јавно обвинителство, кое се соочува со сериозни опструкции во напорите да им го зададе финалниот удар на корумпираните функционери.
Иако е изгласан во ноември, речиси пред една година, и иако беше предвидено неговата имплементација да почне во март, кога Министерството за правда навремено ги изготви подзаконските акти, сепак законот е мртво слово на хартија. Ниту еден предуслов што го предвидува Законот за заштита на укажувачите не е исполнет, а тоа значи дека ниту еден „свиркач“ и по една година, нема заштитен третман. 
 
Венецијанската комисија, задолжена за оценка и проверка на законските решенија има мислење за двата закона. За оној за заштита на приватноста, забелешките и сугестиите се многу посериозни, додека за заштита на укажувачите Комисијата потенцира неколку важни пропусти, кои, пак, не значат оти законот не треба да се спроведува.
 
 
НЕМА НАЧИН КАКО ГРАЃАНИТЕ ЈАВНО ДА ПРИЈАВАТ КРИМИНАЛ

Секако дека ваквата статус кво ситуација им оди во прилог на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, а тие, пак, со применливи методи успешно го спречуваат имплементирањето на законот. Каква стапица постави власта - законот за „свиркачите“ една година да остане само на хартија? 
Во законот се предвидени три вида пријавување - внатрешно, надворешно и јавно. Според законското решение, за да може еден укажувач јавно да ги изнесе доказите или сознанијата за одреден криминално-коруптивен случај, претходно мора да помине низ фазите на внатрешно и надворешно пријавување. Тоа практично значи дека пријавувачот прво мора да пријави во институцијата во која работи (внатрешно пријавување), потоа кај надлежните истражни органи како што се Јавното обвинителство, полицијата (надворешно пријавување), за да може потоа да зборува јавно за случајот (во медиумите). 
 
Но, спроведувањето на законот власта досетливо го спречува. Во државните институции не постои систем и нема утврдено процедура како еден „свиркач“ може да пријави криминал, со што е загрозено внатрешното пријавување. Ниту една институција нема определено лице кај кое ќе се пријавува, нема формирано тим кој ќе постапува по пријавите, ќе ја анализира сериозноста на пријавата, ќе отвори случај за да се истражува, или со еден збор, ќе ја спроведува процедурата за заштита на пријавувачите паралелно со испитување на сериозноста и релевантноста на изнесените наводи за криминал.
 
Понатаму, истиот метод власта го користи и за можноста за надворешно пријавување. Ниту еден задолжен државен орган нема назначено лице што ќе го имплементира законот. Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Антикорупциската комисија, Народниот правобранител – сите тие имаат законска обврска да создадат услови за надворешно заштитено пријавување. Но, овие институции молчат за тоа што не го имплементираат законот!
 
Значи, како и во случајот на опструкциите на СЈО, тактиката на владата е јасна и едноставна. Крајната крајна цел е - законот никогаш да не профункционира. Во законот е предвидено дека пријавувачот не смее јавно да објави криминал и така да се стекне со заштита, ако претходно не пријавил по принципот на внатрешна или надворешна пријава. Арно ама, овие два начина за пријавување не се функционални во практика. Тоа значи дека укажувачот на кривично дело не смее јавно во медиумите да изнесе докази, информации или сознанија за криминално-коруптивен случај и така да има третман на заштитен пријавувач, ако претходно не ги исполнил другите две пријави кои не е можно никако да се остварат. Ете како лесно власта ги спречува укажувачите да не изговорат ништо за корупцијата и криминалот во државните институции.
 
Едноставно образложено, власта ти забранува јавно да зборуваш за криминал и притоа да си заштитен, затоа што не си ги исполнил претходните услови од законот, за што таа не ти овозможила услови да ги исполниш. Генијално!
 

ДРЖАВАТА ЌЕ ГИ КАЗНУВА ФИРМИТЕ, НО КОЈ ДА ЈА КАЗНИ ДРЖАВАТА?

Но, дали ВМРО-ДПМНЕ и по неколкуте сериозни забелешки на Венецијанската комисија ќе може толку комотно да се однесува и да го премолчува буквалното игнорирање на законот? Неофицијални информации потврдуваат дека до избори, Владата ќе мора да се погрижи законот да профункционира. За овие седум до осум месеци, кога беше очекувано да има и најмногу пријави, откако законот е на сила, многу граѓани пријавиле случаи во невладината „Транспаренси интернешнел“, а голем број прашувале како можат во институциите да пријават незаконско однесување. Генерално, граѓаните повеќе би избрале надворешно пријавување, значи во МВР, обвинителството, во Антикорупциската комисија... отколку внатрешно, оти таму, во институцијата во која работат, стравуваат дека лесно ќе бидат откриени. Како да избираат каде да пријават во услови кога немаат избор?
 
Но, манипулативна игра на владата не завршува само со целосната блокада на пријавувачите. За апсурдот да биде поголем, таа настојува законот да се применува во приватниот сектор. Имено, огромен број компании, заплашени со инспекции, поставиле известувања во работните простории дека вработените кои имаат информации за корупција или криминал случајот да го пријават кај одредено лице чие име и презиме е јавно истакнато на огласна табла во фирмите. Некои компании дури спроведувале и обуки организирани од стопанските комори, каде што се предавале лекции за спроведување на законот. 
 
Но, со оглед дека во приватниот сектор работниците се главно исплашени да пријавуваат, особено тешко се решаваат да го пријават својот претпоставен, произлегува дека фирмите го почитуваат законот затоа што се плашат од казни за неспроведување, а не дека вистински веруваат оти некој ќе пријави кривично дело. Сепак, станува збор за приватни компании и ако не го спроведуваат законот, нив има кој да ги казни – државата!
 
Но, кој да ја казни државата? Кој да ги санкционира државните институции кои не постапуваат според законот? Чија е одговорноста за целосниот молк околу неспроведувањето на укажувањето на кривични дела? Кој да ја казни Антикорупциската комисија, која има должност секои шест месеци да поднесува извештај во парламентот за постигнатите резултати од законот? Во актуелната ситуација, комисијата ниту има материјал да напише извештај, ниту има што да презентира пред пратениците, оти законот е комплетно изолиран и само предупредувањата од надвор, како последното од Венецијанската комисија, може да ја иницираат неговата имплементација. Оти, некако и опозицијата го заборави законот, затоа што и за неа изборите се приоритет.
Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнел“ вака ги коментира строгите законски одредби за укажувачите, кои ги критикува и Венецијанската комисија:
- Јавното објавување е заштитено само кога на укажувачот или на нему блиско лице им е загрозен животот. Значи, само во ситуации кога тој што ќе одлучи да пријави криминал јавно ќе покаже дека нему или на некое негово блиско лице им е загрозен животот, здравјето, безбедноста и животната средина, или ќе се предизвикаат штети од големи размери, или ако постои опасност од уништување на докази. Сето ова е многу тешко да го обезбеди еден граѓанин во услови кога ќе сака нешто јавно да пријави. Затоа велиме дека ова е една од најсилните препораки на Венецијанската комисија, дека мора да се намали степенот на заштита, односно да се дозволи јавно пријавување доколку постои јавен интерес, а „свиркачот“ да не мора да ја помине процедурата на внатрешно и надворешно пријавување и да не мора да бидат обезбедени сите овие услови.
 

ИДЕНТИТЕТОТ НА УКАЖУВАЧОТ ДА СЕ ОТКРИВА САМО СО НЕГОВА ДОЗВОЛА

Што конкретно предвидуваат препораките на Венецијанската комисија? Прво, за законот да може да функционира, тој треба да се усогласи со Законот за кривична постапка, со Кривичниот законик и со Законот за заштитени сведоци оти пријавувачот лесно може да стане сведок. Суштинските препораки од комисијата се однесуваат токму на степенот на дозволеност за јавно пријавување, кој, според неа, е поставен премногу високо. Зашто, за да добие статус на заштитен укажувач, „свиркачот“ мора да го пријави случајот прво внатрешно, таму каде што работи, потоа надвор – во надлежна државна институција, а дури потоа во медиумите. Меѓународниот стандард предвидува јавно пријавување, во медиумите, дури и во услови кога нема можности за надворешно и внатрешно пријавување, како што е во моментот ситуацијата во Македонија. Но, тоа секако не и одговара на нашата владејачка врхушка.
 
За да излезе во јавност, од укажувачот се бара да демонстрира дека доказите за незаконските активности може да бидат уништени, што е исклучително тешко. Исто така, во секој коруптивно-криминален случај не постои ризик од уништување на доказите и токму затоа овој услов е многу тешко да се исполни. Препораката од Венецијанската комисија вели дека овој услов не треба да постои во законот. 
Понатаму, Венецијанската комисија препорачува да се формулираат општите правила со кои му се дозволува на судот да одреди под кои услови може да биде откриен идентитетот на укажувачот. Во законското решение е наведено дека судот, во одредена фаза од постапката, ако самиот процени дека е неопходно, може да го открие идентитетот на пријавувачот. Комисијата смета дека е неопходно да се утврдат правата на анонимност и доверливост за да не постои конфузија, а на укажувачот да му се остави правото тој да избере дали да го открие својот идентитет. 
 
Комисијата ја отвора и дилемата за казнените одредби кои предвидуваат санкција до шест илјади евра за тој што ќе го открие идентитетот на укажувачот надвор од пропишаните правила. Тоа, според неа, не е доволна сума за да спречи злонамерно протекување информации во врска со укажувачот. Или едноставно, некој кој е заинтересиран за идентитетот на „свиркачот“ може некому да му даде и двојно повеќе пари, а со тоа да му ја плати казната, но и да му овозможи заработка. 
 
На крајот, покрај другите поситни забелешки и препораки е наведено дека би било добро пријавите на укажувачите да одат преку независно советодавно дело, а државните агенции или Министерството за правда да бидат врска до телото. 
 
Препораките на Венецијанската комисија за измена на Законот за укажувачи, Владата ги игнорира, но уште поголем проблем е што таа го игнорира и важечкиот Закон за заштита на укажувачите, кој не се спроведува ниту таков каков што е. Дали мислењето на странските експерти изразено преку препораките на комисијата ќе ги натера властите да почнат со примена на законот, откако претходно ќе ги направат измените?

 
 
Амбасадорот на Холандија: Формираме независно тело за заштита на пријавувачите

- Во Холандија на 1 јули почнавме со спроведување нов закон за заштита на укажувачите. Во минатото имавме еден закон, но видовме дека треба да се обнови и новиот закон има за цел на пријавувачите да им понуди повисоко ниво на заштита. Една од главните работи е да се формира независно тело - дом, во кој пријавувачите можат да дојдат со цел да обезбедат правна заштита. Холандскиот закон ги отсликува препораките на Венецијанската комисија и Советот на Европа за заштита на пријавувачите и еден од клучните елементи е пријавувачите да бидат заштитени од работодавачот или од лицата кои работат или дејствуваат во име на работодавачот, од каква било одмазда, во која било форма. Мислењата и препораките на Венецијанската комисија се високо почитувани од страна на Европската Унија токму затоа што се работи за независна институција, рече амбасадорот на Холандија во Скопје, Воутер Пломп, на работилницата посветена на препораките на комисијата. 
 
 

Петар Аневски не изусти ниту збор зошто обвинителствата не го спроведуваат законот

Претседателот на Советот на јавните обвинители, Петар Аневски присуствуваше на работилницата посветена на препораките на Венецијанската комисија во врска со Законот за заштита на укажувачите. Иако дел од присутните повторија дека јавните обвинителства заедно со полицијата и Антикорупциската комисија се главните надлежни институции за заштита на укажувачите, сепак, Аневски избра да зборува за заштита на сведоците и така ја пренасочи темата на поле на кое има познавање без да коментира зошто обвинителствата затаиле во спроведување на законот.
- Ќе наведам дека како обвинител во еден предмет за криумчарење мигранти имавме обвинето неколку лица, но еден од нив се согласи да даде признание за делото и да го разјасни настанот. Знаете колку беше вреден тој сведок, иако воедно беше и обвинет! Сите во процесот беа осудени со големи казни, а со нешто помала и сведокот. Кога дојде време казните да се издржуваат во затвор, тоа лице, исплашено за животот, се јавуваше кај обвинители да му помогнат да не биде сместен во иста установа со оние со кои е казнет оти се плаши од одмазда. Тоа одеше тешко и создаваше голема нервоза кај самиот обвинет, а и сведок во случајов, објаснуваше Аневски за заштитените сведоци без да се осврне на укажувачите и блокираниот закон. 

 
 
Имунитет за виновните што ќе откријат поголеми виновници

Обвинителката од Обвинителството против организиран криминал и корупција Сузана Мирчевска Кузмановска смета дека Јавното обвинителство во Македонија може, по примерот на Хрватска, да го прифати концептот на ограничен имунитет. 
- Во ситуација кога Хрватска водеше постапка против Иво Санадер, како истакнат државен и партиски функционер, за обвинителството беше многу тешко да ги докаже наводите. Имено, доказите со кои располагаше тоа обвинителство и до кои дојде во предистражната постапка докажаа дека кривично дело сториле и други лица кои беа на чело на јавните претпријатија, но тие одбија да соработуваат од страв дека може да се изложат на кривичен прогон. Во таков случај, од страна на државниот обвинител беше побарано да се даде ограничен имунитет кој се дава на лица кои со своето сведочење ќе овозможат докажување на повисок степен на опасен криминал. И во нашата институција би можело да се преземат мерки кои би значеле заштита на ваквите лица, но за тоа се потребни многу повеќе концепциски или системски промени, вели обвинителката Мирчевска Кузмановска 

 
 
Јован Јовчевски: Законот е добар, му недостасуваат неколку измени

Професорот по кривично право, Јован Јовчевски за Законот за заштита на укажувачите и за препораките на Венецијанската комисија вели:
- Моето мислење за овој закон е дека со мали промени, во духот на она што го укажува Венецијанската комисија, може да се изработи добра легислативна норма која може да помогне во борбата против сите недозволиви активности.
 
 
 
 Автор: Љубиша Арсиќ

Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија. 

Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.
  
 
 

 
< Претходно   Следно >
 EN en
 
sq
SQ

ТИ-М на социјалните мрежи

facebook_32.png twitter_32.png
blogger_32.png
youtube_32.png
izbori.jpg
audeo.jpg
transparentnost_newsletter

Newsletter - Пријава








Advertisement
bistromatno
Advertisement
Advertisement
 

Анкета

Дали во наредните 3 години корупцијата во РМ ќе се...
 

Донатори :

auswartiges.jpg
dep_symbol.jpg
european.jpg
norway.jpg
rijkslogo_en.jpg
ned-logo.jpg
 osce.jpg
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
© Транспаренси Интернешнл - Македонија. Сите права задржани