Конференција за "свиркачи":Имали време и капацитет за законот за пријавувачи?
wbconf14102015.jpg
 14.10.2015 Транспаренси интернешенал“ преку конференција во Скопје ја потенцира неопходноста од квалитетен и сеопфатен Закон за пријавувачите на кривичи дела. Учесниците два дена ќе дискутираат за потребите од законот, начинот како да се имплементира, да се споредат искуставата со државите кои имаат такви закони и на крајот да се дадат препораки и заклучоци.

Џон Девит од Ирска има учествувано во креирањето на законски модел за заштита на пријавувачите кој е применлив, има позитивни искуства и многу држави го преземаат. Девид е преставник на Транспаренси од Ирска и направи краток преглед на нивниот закон. -Имаме премногу случаи, но најважно е да ја имате вистината кога пријавувате. Не смеете да направите лажно пријавување затоа што и тоа го казнуваме. Не смее да се бараат скриени мотиви на пријавувачите, туку содржината на пријавата и доказите кои им се нудат на институциите. Сега кај нас е доволно „свиркачите“ да имаат добра волја и цврсти аргументи. Примачите на информациите се обврзани да преземат акција затоа што луѓето стравуваат да пријават ако отсуствува акција. Затоа во законското решение мора да се предвиди каква обврска ќе имаат оние кај кои ќе се пријави криминал, анализира Девит.
 
 
Искуството на САД, исто како и ирското искуство, не е поврзано со еден закон, туку со повеќе закони кои гарантираат заштита на „свиркачите“. -Првенствено е важно кога пријавувате да знаете дали тоа е покриено со закон, пред се оној со кој ќе бидете заштитени. Ние имавме неколку славни предмети, како Сноуден на пример. Тој откри големи скандали и сега е во Русија. Но тој откриваше работи кои тешко можат да се заштитат со закон и затоа тој не може да ја искористи таквата заштита. Друг пример е со пријавата за измами со домашните кредити и хипотеки. Една вработена ги предупредувала во една банка за манипулациите, но наместо истрага работодавачите ја избркале. Една лекарка пријави прекршоци од страна на болницата во која била ангажирана, пред се поврзано со несоодветна заштита на пациентите, но и таа се соочи со одмазда, раскажа Елизабет Гивенс од Американската адвокатска комора.

Србија има донесено Закон за заштита на пријавувачи. Антикорупциската агенција започнала со работа во 2010 година како независен орган и функционира самостојно и има надзор врз јавните функционери, партиите… До нив граѓаните пријавуваат криминал и корупција. За последната година имаат повеќе од 200 пријави, а голем дел од нив се пред Јавното обвинителство на проверка. Што предвидува српскиот закон за пријавувачи? Законот е на сила од летово и со него им се забранува на работодавачите да ги деградираат пријавувачите откако ќе алармираат, посебно не да ги бркаат или да ги прераспоредуваат. Искуството на Србија го пренесоа Милица Божаниќ од Анти-корупциската агенција и Слободан Симиќ од канцеларијата на Народниот правобранител.

Двајцата признаа дека пријавувачите се соочуваат со опасност од одмазда, но затоа добар заштитен механизам може да го надмине тоа. -Има три вида пријавувања, внатрешно, надворешно и јавно. На граѓанинот му останува дали ќе пријави кај работодавачот за одреден криминал или во државна институција, или пак јавно. За внатрешното пријавување мора да постои Правилник во институциите. Пријавувачот има право на надомест на штета и право на судска заштита, иако се уште немаме пример како тоа ќе функционира со оглед дека законот се применува само неколку месеци, истакна Симиќ.

Иако временскиот рок е краток и за неколку дена мора да се донесе Законот за пријавувачите, сепак преку конференцијата се испраќа порака дека законот мора да се пишува во поширок состав, да се консултираат познавачите, но и да се најде моделот кој би бил применлив. Освен времето, важен сегмент е и капацитетот на тие што ќе го подготвуваат законот, колку ја познаваат материјата, какво искуство имаат во областа и дали се непристрасни, односно повеќе ќе инсистираат на заштита на граѓаните наместо на пријавените кои ќе биде неопходно да се гонат ако сакаме да ја оправдаме смислата на законот.  Од конференцијата се наметнува заклучокот дека не смее да се брза затоа што сите примери од практиката мора да се имаат предвид.

Тоа ќе го имаат како препорака министерот за правда Јашари и вицепремиерот за евроинтеграции Бесими. Двајцата се на конференцијата и уверуваат дека законот ќе овозможи адекватна заштита. -Мораме да ја развиеме свеста за институционална заштита на пријавувачите. Затоа започнавме со измени во текстот на Законот за антикорупција и таму предвидовме еден вид заштита на „свиркачите“, но колку таа е доволна? Потоа измените ги повлековме од собраниска постапка за да добиеме мислење од Европската комисија. Откако го добивме мислењето добивме и компаративни анализи со држави на ЕУ и ја сфативме потребата од законска заштита на лицата кои ќе се охрабрат да пријават. Граѓаните не смее да трпат последици за пријавата. Иако се уште го немаме овој закон, сепак имаме закони кои на свој начин колку толку базично штитат при пријавување, рече Јашари.

По излагањето на министерот реплицираше Миодраг Ѓорѓески, поранешен стечаен управник во „Медицинска пластика“ од Тетово кој му нагласи на министерот дека стечајот во фирмата е криминален затоа што неколкумина го украле имотот. Му укажа на Јашари дека предметот постои и во Министерството за правда и дека е класичен пример како вулгарно се кршат законите во Македонија.

На конференцијата беа презентирани резултати од анкета според која голем процент од граѓаните немаат храброст да пријават, односно се плашат од последици претпоставувајќи дека немаат законска заштита.

Амбасадорот на ЕУ Аиво Орав потенцираше дека партиите сега имаат неколку клучни прашања пред себе, едното од нив е Законот за заштита на пријавувачите на кривични дела. Во поздравниот говор потенцираше дека за таквите луѓе државата мора да обезбеди реална заштита, но и да им дозволи анонимно пријавување и пријавување низ повеќе видови канали. Но за да се реализира тоа, првенствено мора да се врати довербата во институциите, односно граѓаните да им веруваат на оние кај кои ќе пријават.
 
 Автор: Љубиша Арсиќ