Што се крие зад мистеријата со акциите во Фершпед?
whistleblowers.jpg
 15.01.2015 Во пресрет на стапувањето во сила на Законот за заштита на укажувачи или популарно познат како закон за свиркачи, тие што пријавуваат криминално однесување на своите претпоставени, во пракса се соочуваат со последици. Имено, законот ќе има за цел реално да ги заштити пријавувачите на кривични дела, пред сѐ, од последици на работното место, особено ако пријавата се однесува на некој од компанијата или од институцијата во која тие работат. Но, додека изминуваат последните седмици пред да почне да важи законот, државата како да нема модел да ги спречи моќните функционери кои им се одмаздуваат на работниците во ситуација кога тие, од пониските места во институцијата, детектирале криминално поведение на своите шефови. 
 
Изминатата, но и оваа година, Транспаренси интернешнл спроведува проект наречен „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“. Со проектот практично се откриваат случаи, во кои пријавувачите на кривични дела настрадале на своите работни места. Односно, граѓаните што останале без работа или биле прераспоредени на пониска позиција затоа што пријавувале криминал или укажувале на кршење на законите на своите претпоставени, ги пријавуваат случаите во Транспаренси, за потоа преку новинарски текстови да се алармира јавноста во отсуство на закон за нивна заштита. Преку таквите примери, проектот има за цел да ги охрабри вработените да не премолчуваат прекршување на законите, а најмалку криминално однесување на своите претпоставени, туку да пријават.
 
 
 

Законското уредување на заштитата на пријавувачите се очекува да ги испровоцира оние вработени кои имаат докази или сознанија за кривични дела во фирмите или во организациите каде што работат да пријавуваат случаи пред надлежните истражни институции, кои, пак, врз основа на релевантноста на доказите ќе спроведуваат постапки. „Фокус“ изминатата година објави десетина стории во кои обработи случаи по пријава од вработени, каде што без исклучок, иако документирано пријавиле криминал, биле казнети на работното место, а судско-обвинителските органи ретко кога ја спровеле правдата.
 
КОЈ ПРВ ПОЧНАЛ?

Еден од последните случаи во кои пријавувачите претрпеле последици на работното место е досието со акционери во „Фершпед“. Откако биле измамени со продажбата на своите акции, тие се охрабриле да поднесат пријава, приложиле и документација, но неколкумина од групата настрадале на работните места. Дополнително, и оние акционери кои не застанале зад пријавата имаат последици во компанијата. Пријавата на овој случај во Транспаренси интернешнел, но и проверката на документацијата открива како практично е одиграно масовното купување акции во „Фершпед“ и како завршува битката за превласт на Штерјо Наков и Кираца Трајковска.
 
Случајот беше медиумски експониран на крајот на 2013-та и на почетокот од 2014-та година, кога беше објавено дека цената на акциите во фирмата расте вртоглаво и дека двете завојувани страни се во мртва трка за доминација во сопственичкиот удел. Но, тогаш никој не ја откри вистинската приказна до крај - како се одвивале прегрупирањата, надитрувањата и кој излегол како победник? Сега, токму документацијата која акционерите ја користат како доказен материјал дека биле изманипулирани и некој ги искористил за да профитира, а тие да останат со празни сметки и намалена вредност на своите акции, открива како за неколку дена, со тактички потези, некој заработил, а некој извисил. Секако дека акционерите пријавиле и во обвинителството затоа што сметаат дека постои кривична одговорност кај неколкумина играчи во матните зделки.
Но, како кулминирала целата ситуација и како акционерите завршиле со пријава во обвинителството?
 
Заплетот почнува на 20 декември 2013 година, кога Кираца Трајковска, во тој момент една од сопственичките, прави обид да привлече стотина акционери со намера нивните акции, приближно 2000, да ги продаде на странски инвеститор. Тој ден, откако им било соопштено дека акциите ќе им бидат платени по 5.750 евра за акција, сума која била незамислива, затоа што акциите на берзата се тргувале за максимални 2000 евра, стотина акционери се фатиле на јадицата, зашто во тој момент мислеле дека целата постапка ќе биде фер и спроведена до крај. Според тврдењето на акционерите, тие потпишале договор дека акциите ќе ги продадат со блок-трансакција, но во документите на кои се потпишувале не биле вметнати податоците на странскиот купувач. Тоа им било ветено дека ќе биде сторено дополнително, а најдоцна до крајот на месецот.
- Дури потоа сфативме дека таквиот непристоен предлог имал за цел да ја предизвика втората страна, онаа на Штерјо Наков за да почне битката за превласт во фирмата преку купување акции. Во тоа време, Наков поседуваше околу 25 отсто од акциите, што е законски лимит, Трајковска имаше околу 10 отсто, а на нејзина страна како да беа еден друг поголем акционер со шест отсто акции, како и некои странски фирми со 10-тина проценти. Со тоа практично двете страни некако беа изедначени во стартот на битката. Цената на акциите секојдневно растеше и достигна до 2.000 евра, а нам ситуацијата ни стануваше сѐ почудна - пренесува акционерот Ѓорѓи Ивановски од Скопје.
 
Што се случувало практично тие денови, без да знаат акционерите, додека го очекувале потписот на странскиот купувач и исплатата по 5.750 евра за акција? Иако многу знаци им покажувале дека може да бидат извисени, стотината акционери, сепак, ги храбрел моментот дека нивните пакет-акции изнесува 12 отсто и дека секоја страна ќе сака да ги купи затоа што така практично ќе си обезбеди доминација во сопственоста. Од оваа дистанца сега на акционерите кои се „изгореле“ целата приказна им наликува на однапред добро подготвено сценарио. 
 

БЕЗ ФИРМИ ОД БЕЛИЗЕ НЕМА УСПЕХ?

Ден по ветувањето дека акционерите ќе бидат исплатени, според документацијата, Кираца Трајковска своите 2.000 акции издадени од „Фершпед“ (10-те отсто сопственост) ги става како влог, заедно со уште други 150 акции, на фирмата на нејзината ќерка, Естела, исто така издадени од „Фершпед“, за да ја формира „Консалтинг Инвестментс Син“. 
- Ова е префинет начин за пренос на акции со кој што фактички се прават манипулации, а јавноста не знае ништо за тоа, оти не оди преку берза. Се врши само пренос на удел и така фактички се вршат тие манипулации. Се оди во тајност. Затоа досега медиумите не ја знаеја вистината, туку само претпоставуваа и шпекулираа - коментираат акционерите.   
Ако се следи патот на акциите во тоа време, одново за еден ден, или поточно на 24 декември 2013 година се врши пренос на удел на истите акции од „Консалтинг Инвестментс Син“ во „Син Фајнанс“. Така, новата фирма се стекнува со 2150 акции, но пакетот го дополнува со нови 600 акции издадени од „Фершпед“, купени на берза по цена од 1500 до 2000 евра од страна на брокерското друштво „Инново брокер“. Така, вкупниот удел на „Син Фајнанс“ во „Консалтинг Инвестмент“ изнесува 2750 акции. 
Ако се прочитаат документите од Централниот регистар од февруари 2014-та, интересно за компанијата „Син Фајнанс“ или како што под истиот матичен број е заведена „Енерџи Фајнанс“, е дека станува збор за фирма за консултантски услуги, а нејзин сопственик е „Базики Лимитед Белизе“, со адреса во Белизе сити. Освен консултантските услуги, оваа фирма пријавила дека се занимава со надворешна трговија на прехранбени и непрехранбени производи, како и со шпедиција. Како управител на фирмата се јавува името на Марјан Закев. За една година по купопродажбата на акциите оваа фирма оди во стечај или впечатокот е дека ја постигнала целта за која е формирана.
За да биде играта целосно завршена, а неколкумина брзо да ќарат од зделката, по третпат, утредента на 25 декември, „Син фајнанс“ целиот удел од 2.750 акции го пренесува на три физички и две правни лица. Меѓу акционерите за нив се зборува дека се соработници или пријатели на Штерјо Наков. Според документацијата, односно според петте договори за пренос на уделите, „Син Фајнанс“ им ги отстапува акциите на Мите Николов од Скопје, Миле Атанасов од Штип, Љубомир Давидовиќ од Скопје, како и на фирмите „Аутомобиле СК“ од Скопје и на „Скопско“ од Куманово. За овие лица, како и за сопствениците на фирмите, акционерите во „Фершпед“ знаат дека се во релации со семејството Накови. Се разбира, тука има и пријателска и бизнис-поврзаност.
Пресметките на акционерите се дека преку купопродажбата на овие 2.750 акции, фантомската „Син Фајнанс“ заработила околу пет милиони евра. Зошто Наков се одлучил да ги купи акциите преку свои соработници? Најверојатно е дека и тој не знаел оти информациите за странскиот инвеститор е можно да се измислени. Исплашен дека некој може да плати и по 5.750 евра за акција, тој се одлучил да плаќа и по неколку илјади евра за акција, само да го има контролниот пакет. Преку овие петмина, тоа му успева. Со новите 2.750 акции, преку неговите блиски, Наков стекнува мнозински пакет и така драмата завршува. Инаку, „Син Фајнанс“ ги откупила акциите од Трајковска за 1.100 евра, а потоа ги продала за 4.000 евра!
- Овде значи не била идејата да се купат нашите акции како блок-трансакција, туку едноставно да се направат малверзации. Јасно е дека нашиот странски купувач не ни постоел, туку се наметнала нереална ситуација за некој да профитира. Измамата кон нас е во тоа што нѐ прелажале дека нашите акции ќе бидат купени, нѐ држеле во заблуда за да можат главните играчи да ја зголемат нереално цената на акциите, за на крајот некој да се збогати, а ние да останеме само со акциите кои сега не надминуваат ни 700 евра - вели Ивановски.
 

НАМЕСТО ДА ИМ ГИ КУПАТ, ИМ ГИ ЗАМРЗНАЛЕ АКЦИИТЕ

Како практично заглавиле акционерите? Пријатно изненадени од висината на понудата во која гледале начин добро да се испазарат и да заработат, стотина од нив се согласиле да ги продадат акциите на странски инвеститор. Кога ги потпишувале договорите, една од страниците, како што тврдат, без да знаат, бил документ со кој тие всушност му издале полномошно на брокерот Јованче Тасковски. Тој, пак, ја искористил можноста и направил резервација на акциите и токму во време на најголемата купопродажба на акции, односно при ситуацијата во која секој давал повеќе само за да стигне до мнозински пакет на „Фершпед“, стотината акционери не можеле ништо да направат со нивните 2.000 акции. Имено, од една страна ги изманипулирале да се согласат на блок-трансакција во вредност од 5.750 евра за акција, а подоцна, наместо да им се исплатат парите, акциите им биле замрзнати.
 
Ставени во тесно и без можност за поправен, акционерите ја известиле Комисијата за хартии од вредност за изигрувањето од страна на брокерската куќа и брокерот. Акционерите во известувањето напишале дека не постоел краен договор меѓу нив како продавачи и странецот како купувач, а тоа значи дека брокерот не смеел да отвори налози, и со тоа да ги прекрши правилата за тргување, а акционерите да ги држи во заблуда додека траат големите продажби. Комисијата на крајот ја санкционирала брокерската куќа „Инново“, како и нејзиниот управител, но не и брокерот Тасковски, кој, според акционерите, ги влечел главните конци во измамата.
 
Неможејќи да ја истераат правдата, 14 акционери поднеле кривична пријава во Основното јавно обвинителство во Скопје против еден од сопствениците на брокерската куќа Тасковски, против Кираца Трајковска, против брокерската куќа „Инново“, како и против непознат сторител, односно странскиот купувач, ако воопшто постоел. Тие обвинуваат за три кривични дела – измама. Измама со хартии од вредност и удели и повреда на правата на хартии од вредност. Обвинителот Артан Ајро, сега дел од Специјалното јавно обвинителство, ја отфрлил пријавата како неоснована. Тој проценил дека акционерите самостојно се впуштиле во преговори со Трајковска и со Тасковски, дека пријавените немале намера да ги доведат акционерите во заблуда, дека се било диктирано од пазарот. Затоа не постоеле суштинските битија да се одржи кривичната пријава.
 
Но, пресврт во процесот прави Вишото јавно обвинителство. Таму акционерите се пожалиле на првостепената обвинителска одлука. Во новото решение сега се аргументирани сосема спротивни факти од оние на пониското обвинителство. На пример, како можело да се донесе одлука за отфрлање на кривичната пријава, а притоа да не бидат сослушани акционерите кои имаат многу информации за случајот. Понатаму, како е можно да се заклучи дека нема измамнички дејствија кога јасно е дека не постоел странскиот купувач? Како му е овозможено на „Син Фајнанс“ да стекне милионска имотна корист? Затоа, Вишото обвинителство наложува да се отвори постапка и да се испитаат сите наводи, а не да се носат само формални одлуки. Сега случајот е одново во Основното обвинителство. Назначен е друг обвинител и според очекувањата на акционерите редно е да има обвинителен акт за вклучените во акционерската измама. 
 
Освен што конечно ја открива манипулативната игра со акциите во „Фершпед“, оваа приказна го отвора и прашањето за очекувањата од Законот за заштита на укажувачите. Колку ним ќе им се остави простор да се охрабрат и да пријавуваат? Ако се следи примерот со акционерите од „Фершпед“, иако сѐ уште можат да се надеваат на некаква правда, тогаш моќните сѐ уште се над законот. 


КАМЧЕВ НА ПОМОШ?

Во коментарите на акционерите многупати се споменува името на бизнисменот Орце Камчев. Уште на стартот од целата операција Кираца Трајковска ги заложила своите акции во Стопанска банка Битола, откако претходно ѝ биле во Комерцијална. Или, едноставно, Стопанска го презела кредитот на Трајковска. Битолската Стопанска банка во јавноста се поврзуваше со името на Камчев. Дополнително, брокерот Тасковски, кој првично куртулил од казна, бил претседател на одборот директори на ЗК Пелагонија, фирма, која, исто така, се поврзуваше со Орце Камчев. Акционерите не исклучуваат дека и Камчев лично имал учество во купопродажбата на акциите. Практично тука може да се крие целиот исход на настаните. 


ШТЕРЈО Е ГЛАВЕН СОПСТВЕНИК, КИРАЦА ЗАВРШИ ВО ПЕНЗИЈА

При крајот на 2013 година, кога почнуваат сплетките со акциите во „Фершпед“, Штерјо Наков, бил претседател на Надзорниот одбор, како што е и денес, додека Кираца Трајковска, тогашната негова прва соработничка била негов заменик. По завршувањето на акционерските игри, Наков се стекнал со доминантни пакет-акции, нешто на свое име, нешто на име на неговите синови, друго на негови соработници и пријатели, преку кои, според акционерите, има влијателна и силна улога во одлучувањето и контролата на „Фершпед“. Оттаму акционерите со право прашуваат дали е прекршен законот според кој еден акционер не може да поседува над 25 отсто од акциите во компанијата, иако Наков се однесува како да има многу повисок процент акции.
Трајковска, пак, останала без својата работна позиција во „Фершпед“. Многумина од акционерите коментираат дека е тоа по заслуга на Наков, кој во сплетките со акциите препознал обид некој да му завладее со компанијата. Откако го добила судскиот спор, таа исполнила услови за пензија. Во моментов, на чело на Управниот одбор на „Фершпед“ се Иван Петревски и синот на Штерјо, Драган Наков.
 
 
Автор: Љубиша Арсиќ

Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија. 

Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.