Реакција до медиуми
izbori2016.jpg
 
28.03.2016 Транспаренси Интернешнел Македонија не се согласува со Ставот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги на Република Македонија според кој таа нема да врши надзор над изборното медиумско претставување на интернет порталите. Причините за тоа, како што се вели во ставот, се тоа што поимот „интернет портали“ не е дефиниран со ниту еден закон, што некои од субјектите не би можеле да бидат опфатени со мониторингот, и што на претходните изборни циклуси Агенцијата не добила забелешки на својата работа од страна на ОБСЕ/ОДИХР.
 
Во рамките на проектот „Мониторинг над трошењето од буџетите и политичките партии во предизборниот и изборниот процес“ ТИ-М утврди дека политичките партии во предизборниот период засилено трошат финансиски средства на интернет огласување. Тоа е знак дека партиите многу сериозно го сфаќаат овој модел на допирање до гласачите и веројатно ќе го користат уште повеќе како што ќе се наближуваат изборите. Оттука, сметаме дека е неопходно Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да ги вклучи и интернет порталите во процесот на мониторирање.
  

Агенцијата со својата надлежност да врши надзор врз изборното медиумско претставување има значајна улога во обезбедувањето на клима за одржување на фер и демократски избори. Доколку таа се откаже од извршување на таа своја надлежност ќе им овозможи на политичките субјекти да го кршат Изборниот законик со тоа што се рекламираат вон предизборната кампања. Затоа ТИ – Македонија се обрати до Агенцијата со Барање да го преиспита својот став и да ги вклучи интернет порталите во мониторингот кој го врши со цел да не затаи во својата улога на важен субјект во обезбедувањето на услови за фер избори и уште отсега да создаде недостатоци во изборниот процес.