СЛАЃАНА ТАСЕВА: Законот за заштита на укажувачите гарантира и силна заштита на работничките права
staseva.png
 08.04.2016 Обврските што произлегуваат од Законот за заштита на укажувачите се голем предизвик за приватниот и за јавниот сектор. Од Законот произлегуваат такви решенија што се во насока на заштита на човековите права и слободи, заштита на работничките права, етичкото корпоративно управување, но и во насока на превенирање на криминалните и коруптивните однесувања и постапувања во компаниите и државните институции. Компаниите и институциите од јавниот сектор треба да бидат свесни дека мора веднаш да започнат со применувањето на обврските што произлегуваат од овој Закон, но и да работат во насока на зајакнување на јавна свест во врска со ова прашање, со што ќе дадат пример во поширок општествен контекст, вели за Академик проф. д-р Слаѓана Тасева, една од подготвувачите на Законот за заштита на укажувачите и претседателка на Транспаренси Интернешнал - Македонија.
 
 
Тасева образложува дека со Законот за заштита на укажувачите се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите, односно на правните лица во врска со заштитеното пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

Во согласност со овој закон, обврска на институциите и на правните лица со најмалку 10 вработени е да го усогласат своето работење во однос на заштитеното пријавување и да им обезбедат заштита на пријавувачите.

Со Законот се заштитува јавниот интерес, што подразбира заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците по здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.

Категории на лица кои можат да се јават во својство на укажувачи се: лицe коe има засновано работен однос на неопределено или определено време во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; кандидат за вработување, кандидат за волонтер или практикант во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое е или било волонтер или практикант во институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое врз која било основа е ангажирано или било ангажирано за извршување работа од институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое врз која било основа е во деловен однос или било во деловен однос или во друг однос на соработка со институцијата, односно правното лице за каде пријавува; лице кое користи или користело услуги во институцијата, односно правното лице во јавниот и приватниот сектор за каде пријавува.

Малку од компаниите знаат за постоењето на овие акти

„Законот е веќе во сила и во примена од минатиот месец. Имаше период на приспособување на новото законско решение и во таа насока донесени се подзаконските акти – правилникот за заштитено внатрешно пријавување во приватниот сектор и правилникот за надворешно пријавување во јавниот сектор. Донесувањето на овие правилници е обврска и за фирмите со над десет вработени, како и за институциите од јавниот сектор. Сепак,  многу малку од компаниите знаат за постоењето на овие акти, односно за тоа дека Законот за нив воспоставува соодветна внатрешна процедура за пријавување, што значи и именување на лица во фирмите и назначување лица во институциите кои ќе ја спроведуваат оваа процедура. Во согласност со оваа процедура,  неопходно е и донесување на задолжителните подзаконски акти“, вели Тасева.

Обврските и за приватниот и за јавниот сектор се големи

Таа посочува дека токму ваквото непознавање на законските обврски од страна на компаниите е причина тие да се запознаат потемелно со  решенијата во Законот за заштита на укажувачите и, во таа насока, нагласува дека е од особено значење да се подигне свеста за овој закон.

„Несомнено, за ваквото законско решение, кое е од круцијално значење за македонскиот правен поредок, потребно е да им се помогне на компаниите да воспостават еден ваков внатрешен режим за заштита на укажувачите, и тоа на начин кој ја гарантира нивната  безбедност и доверливост. Обврските и за приватниот и за јавниот сектор се големи. А големи се затоа што преку овие обврски за заштитува она што значи јавен интерес, она што значи права на работниците, потоа, општо, заштита на човековите права и слободи, но и заштита на доброто корпоративно и етичко управување, што е од суштински интерес за компаниите“, вели Тасева.

Пријавување на каква било законска повреда, дури и на етичките стандарди и норми

Тасева потенцира дека Законот овозможува заштитено пријавување на каква било законска повреда, дури и на етичките стандарди и норми, потоа, заштитено пријавување на прекршувањето на дисциплинските правила и правата од работен однос, загрозувањето на човековите права.

„Овој закон воспоставува пошироки можности не само за внатрешното, туку и за надворешното пријавување. Не значи само да се пријавуваат акти на корупција. Значи, може да се пријави сѐ она за кое работникот смета дека  му е повредено право. Во согласност со надворешното пријавување,  повредата на правата може да  се пријави и во Антикорупциската комисија, кај Јавниот обвинител, кај Народниот правобранител, во МВР. Тие институции се обврзани да ги преземат сите активности и соодветно да одговорат според нивните овластувања и да преземат мерки за она што било пријавено. Она што е важно е дека ваквата пријава не може да се игнорира и да се злоупотреби, тоа е суштината на пријавувањето. Идентитетот на лицето мора да биде сочуван доколку не одлучи лицето дека сака да го говори јавно. Исто така, лицето ќе биде заштитено од каква било штетна последица што би му наштетила нему или на негов близок, а која евентуално би настанала како резултат на тоа пријавување. Доколку се утврди дека лицето претрпело последица, на пример добило отказ или, пак, неговата сопруга добила отказ, лицето има право на заштитен статус. Мора да се знае дека со можностите што ги нуди Законот не може да се постапува на начин на кој лицето ќе се игнорира, напротив, ќе се постапува на начин на кој ќе му се обезбедат сите права “, вели Тасева.

Тасева објаснува дека, според Законот, во основа постојат два типа на пријавување. Едното се врши како заштитено внатрешно пријавување, а другото како заштитено надворешно пријавување.  Но, додава Тасева, постои и можноста за заштитено јавно пријавување.

„Јавното пријавување е предвидено доколку оцени лицето дека не може да го изврши пријавувањето преку внатрешното или надворешно пријавување. Во внатрешното пријавување, можеби лицето нема доверба во претпоставеното лице, раководителот или работодавачот или, пак, смета дека може да има непостапување или несоодветен третман при пријавувањето. Затоа е дадена можноста за јавно пријавување или, пак, за пријавување до надлежните институции како надворешно пријавување. Значи, сите овие можности се дадени во Законот и лицето како пријавувач може да одлучи кои можности ќе ги употреби. Ваквиот механизам е предвиден и функционира и во меѓународната практика“, истакнува Слаѓана Тасева.
 
 Овластено лице во фирмата или во институцијата траба да биде лице со интегритет

Во таа смисла, Тасева посочува дека од суштинско значење во Законот за заштита на укажувачите  е и постоењето на едно овластено лице во фирмата или во институцијата кое ќе биде задолжено да го добива пријавувањата од оние што сметаат дека им биле нарушени правата или, пак, од оние што сакаат да пријават акт на криминал.

Од тие причини, лицето што ќе биде поставено во компанијата треба да биде лице со интегритет, во кое пријавувачите ќе имаат целосна доверба и ќе му веруваат. Работодавачот треба да му обезбеди услови за непречена работа на ова овластено лице во секоја смисла, па и во однос на функционалноста во однос на соодветна канцеларија и  технолошка опременост“, вели Тасева.

Таа додава дека овластеното лице може да биде лице посебно вработено за таа цел, но и лице кое веќе работи во компанијата или институцијата, а кое има соодветни квалификации, како што е дипломата од право, економија или безбедност. Ова лице, нагласува Тасева, треба да има и безбедносен сертификат и да ги гарантира сите можности кои значат успешно извршување на неговите задачи.

Поаѓајќи од овие неопходни услови за непречено вршење на работата на овластеното лице, Тасева истакнува дека  овластеното лице во рамките на своите надлежности, по добиената пријава, ќе има право да бара увид во сите документации на фирмата или институцијата, меѓу кои спаѓаат и тендерските документации, како и записниците од состаноците на управните одбори.

Должност на раководството на фирмата или на институцијата  е да соработува со овластеното лице

„Едноставно, лицето кога ќе ја прими пријавата, не може да ја прими и да ја заборави. Тоа треба да ги провери сите акти на самата компанија и сите околности, а за исходот од проверката во рок од 15 дена целосно да го информира пријавувачот. Значи, нема скриеност на информациите во таа смисла. Затоа, тоа лице треба темелно да ја проучи и да ја провери пријавата и треба да донесе заклучок што понатаму со таа пријава, дали би се процесирала како кривична пријава или, пак, како дисциплински прекршок“, вели Тасева, додавајќи дека пријавувачот директно комуницира со овластеното лице, а должност на раководството на фирмата или на институцијата  е да соработува со овластеното лице.

Овластеното лице, потенцира Тасева, ќе бара од раководството сè  што му потребно за проверка на пријавата, а раководството е должно да го обезбеди тоа.

„Ако не сака да го стори тоа и ако не соработува раководството, во тој случај ќе се оди кон надворешното пријавување и надлежните институции ќе го преземат случајот во свои раце, во рамките на своите надлежности“, истакнува Тасева.

Таа појаснува и дека повеќе компании може да се здружат и да имаат едно лице кое ќе биде овластено за добивање на евентуални пријави од вработените во тие компании.

„Некоја компанија ако не може да вработи такво лице или, пак, ако нема лице кое соодветно може да одговори на потребите на Законот, може повеќе компании да се здружат и договорно да овластат едно лице“, вели Тасева, додавајќи дека од големо значење е и како ќе бидат обучени овие лица во иднина.

Најважно на укажувачот да му се гарантира доверливоста

„Сѐ уште претстои многу работа со обучувањето на овие лица, но и воопшто со обучувањето на правниците и адвокатите кои треба да им дадат совет како да постапат оние лица што сакаат да се јават во улога на пријавувачи, а со цел да  го заштитат јавниот интерес, но и да се заштитат себеси и своето семејство од какви било реперкусии. Никогаш не треба да се заборави и секогаш треба да се има предвид дека е најважно на укажувачот да му се гарантира доверливоста, а таа најдоследно може да се обезбеди само со правилна едукација и обука за процедурата и за законската норма“, вели Тасева.

Професорката Тасева вели дека во меѓународната практика прашањето за заштитата на укажувачите е подигнато до степен на посебна гранка во правото, посебно ако се земат предвид важноста на заштитата на укажувачите, правата кои се штитат и ситуациите кога статусот укажувач преминува во статус заштитен сведок кога се пријавува корупција или криминал.

Потребни се и вешти адвокати

„Од тие причини е потребна солидна едукација и јакнење на вештините. Затоа се потребни многу вешти адвокати и луѓе кои ги знаат законите за во судот да ги посочат аргументите и квалитетно да водат еден ваков случај“, вели Тасева.

Таа додава дека фирмите не треба да реагираат во контекст на тоа дека со укажувачите се мотивира, како што вели, внатрешниот „кодошлак“, туку дека треба да сфатат дека укажувачите се за доброто на фирмите.

Ако е добро поставена компанијата, зошто би имале отпор кон укажувачите?

„Најмногу реакциите од компаниите се: „Што значи ова сега, секој секого ќе кодоши?“ Но, ова не е точно и не оди во прилог на деловната етика и на она што значи добро корпоративно управување. Ако е добро поставена компанијата, зошто би имале отпор кон ова? Посебно ако се земе предвид дека и самиот работодавач е заштитен од незаконско постапување на работникот. Значи ова е гаранција и за безбедноста на самата компанија“, вели Тасева.

„Но, ние сме на првиот чекор. Треба да се зајакне јавната свест за тоа што значи овој закон и што треба сите ние да направиме за успешно да се применува Законот“, нагласува професорката.

Таа резимира и потсетува дека институција задолжена за контрола за спроведување на Законот е Државната комисија за спречување на корупцијата,  до која фирмите и институциите треба да поднесуваат извештаи на секои шест месеци.

„Овластените лица во приватниот или во јавниот сектор се обврзани за овие извештаи. Тоа значи дека од моментот кога стапи во примена овој закон, а тоа е месец март оваа година, по истекот на шест месеци, треба да поднесат извештаи. Значи, во овие месеци Законот веќе треба да профункционира, а фирмите и институциите треба да ги реализираат своите обврски. Да не заборавиме,  глобите се големи 0д 3 до 6 илјади евра“, посочува Тасева.
 
 Судска заштита во случај на повреда на правата на укажувачот

Тасева додава и дека Законот обезбедува судска заштита во случај на повреда на правата на укажувачот или на член од неговото семејство, која се остварува во итна постапка во која обврската за докажување паѓа на товар на субјектот кој ја предизвикал повредата на тоа право.

„Укажувачот треба да дејствува во добра волја и не мора да биде сигурен дека тоа што го пријавил навистина се случило или е незаконско дејствие“, резимира проф. д-р Слаѓана Тасева.
 
 Извор: http://www.akademik.mk/