Јавна реакција против општиот акт за прекинување на сите кривични постапки

Јавна реакција против општиот акт за прекинување на сите кривични постапки против лица за кои се водат постапки или постојат сомневања дека сториле кривични дела поврзани со политичката криза

 

14.04.2016 Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата упатува јавна реакција против одлуката на Претседателот на Република Македонија да донесе општ акт за прекинување на сите кривични постапки против лица за кои постојат докази и сомневања дека сториле кривични дела поврзани со политичката криза, а кои се предмет на работа на Специјалното јавно обвинителство и да помилува политичар кој служи казна затвор.

Претседателот на Република Македонија е должен да го штити интересот на граѓаните за безусловно владеење на правото и за јакнење на правната држава. Во овие услови на политичка криза јавен интерес е непречено спроведување на сите истраги за злоупотреби поврзани со изворите на политичката криза кои во овој момент ги спроведуваат СЈО но и Јавните обвинителства.

 

 


Спротивно на ова, одлуката на претседателот за аболиција нема правен основ, затоа што членот 11 од Законот за помилување е поништен со Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување донесен од Собранието на Република Македонија во 2009 година, со што помилувањето односно аболицијата не е возможна. Нормативната функција е во исклучива надлежност на Собранието на Република Македонија а не на Уставниот суд и само Собранието може да донесе измени и дополнувања на Законот за помилување.
 
Како организации кои се борат против корупција сметаме дека разрешувањето на политичката криза, која произлегува од раширената корупција и злоупотреба на власта од поединци на високо ниво не смее и не може да се разреши со аболиција. 
Клучот во борбата против корупција е увереноста на граѓаните во фактот дека никој не е недопирлив од законот и секој за кого има индиции дека злоупотребил службената должност за приватна корист, или пак сторил друго незаконско дело, ќе биде предмет на истрага и доколку има обвинение ќе има фер судење.
 
Само на тој начин, низ истрага, фер судење и понесување одговорност за злоупотреба на власт може да има долгорочно и одржливо разрешување на политичката криза и натамошно владеење на правото. Ваквото своеволно, противуставно и противзаконско делување на претседателот дополнително придонесува кон продлабочување на политичката криза, нестабилноста на државата и со сигурност ќе води кон губење на препораката за почеток на преговорите со Европската Унија, која е условена со целосно спроведување на Пржинскиот договор. 
 
 
Платформа на граѓански организации за борба против корупција