Реакција на изјавата на Министерката за информатичко општество и администрација

Реакција на изјавата на Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска – Томовска дадена на прес конференција на 26.10.2016 

 

27.10.2016 Транспаренси Интернешнел Македонија реагира на изјавата на Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска - Томовска дадена на прес конференција на 26.10.2016 година. Во неа таа вели дека согласно Законот за заштита на укажувачите административните службеници треба притисоците и уцените да ги пријавуваат согласно овој закон, прво во институцијата во која што работат, а доколку се исполнети законските претпоставки и во други надлежни институции, како што се Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата или Народниот правобранител.


Транспаренси Интернешнел Македонија напоменува дека иако постои законско решение за заштита на укажувачите, истото сè уште не се спроведува во практика поради тоа што надлежните институции сè уште немаат обезбедено услови за тоа, односно немаат назначено лице за примање на пријавите. Со таквото непостапување истите институции го оневозможуваат укажувањето и со тоа ги оневозможуваат намерите на потенцијалните укажувачи.

  

 

Затоа, како организација која се залага за доследна заштита на укажувачите како моќен инструмент во борбата против корупцијата, ТИ-М уште еднаш ги повикува сите државни институции да ги исполнат обврските кои произлегуваат од Законот како важна мерка за негова целосна имплементација.