Собранието на РМ да донесе измени во Законот за пратениците и да донесе Кодекс за етика на пратеници
Собранието на Република Македонија да донесе измени во Законот за пратениците и да донесе Кодекс за етика на пратениците заради отстранување на проблемот со наплатата на нереално високи надоместоци за патни трошоци на пратениците


22.08.2017 Транспаренси Интернешнл – Македонија и Центарот за економски анализи изразуваат длабоко незадоволство поради игнорирањето на препораките на Државниот завод за ревизија кои се однесуваат на воспоставената практика на пратениците за себе да прибавуваат финансиски надоместок за користење на приватно возило во службени цели кој не соодветствува со нивните реални трошоци. Поради тоа  го повикуваме Собранието на Република Македонија да направи измени во Законот за пратениците и подзаконските акти согласно препораките од извештаите на Државниот завод за ревизија.

Законот за пратениците предвидува право за членовите на Собранието на РМ да примаат надоместок за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели, во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи. Државниот завод за ревизија во извештаите за извршена финансиска ревизија од 2008, 2010 и 2016 година препорачал да се преиспита висината на надоместокот во насока на нејзино намалување со оглед на тоа што овие расходи се нереални и опфаќаат значителен дел од вкупните расходи на Собранието на РМ. И покрај тоа, Собранието сè уште нема постапено по препораките на Државниот завод за ревизија и понатаму на пратениците им исплаќа нереално високи надоместоци за патни трошоци со што значително го оптоварува својот буџет.
 
 

Транспаренси Интернешнл – Македонија и Центарот за економски анализи го повикуваат Собранието на РМ да постапи по препораките на ДЗР со цел да ја отстрани можноста пратениците да добиваат надоместоци за трошоци во висина во која всушност не се направени. Истовремено, го повикуваме Собранието на РМ конечно да го донесе Кодексот за етика на пратениците во Собранието на РМ. Со тоа ќе се постави рамка за етичко однесување на пратениците во ситуации кога одредено однесување иако е легално, не е етичко, како во овој случај. Со донесувањето на ваков кодекс Собранието истовремено ќе ја исполни и препораката на ГРЕКО од извештајот за усогласеност од четвртиот круг на евалуација, а кој меѓу другото се однесува на превенција на корупција меѓу членовите на парламентот.

Република Македонија пред себе има сериозен предизвик во обидот да се бори против коруптивното однесување на оние кои се избрани и именувани да работат во интерес на граѓаните. Затоа е недозволиво е речиси десет години да се игонорираат препораките на Државниот завод за ревизија. Работата на оваа институција е насочена кон детектирање на недостатоците во работата на институциите, а препораките во нивните извештаи даваат насока како да се делува за отстранување на тие недостатоци, Нивното игнорирање го прави залудно постоењето на ДЗР и ја саботира борбата против корупцијата. Затоа го повикуваме Собранието на РМ да ги донесе неопходните измени на регулативата и да воведе суштински промени во нејзиното сузбивање.
 
Транспаренси Интернешнл Македонија
Претседател 
Д-р Слаѓана Тасева


Центар за економски анализи
Претседател 
Д-р Марјан Николов