Соопштение до медиумите

Република Македонија и понатаму не ги исполнува препораките од Четвртата оценка од ГРЕКО која ги опфаќа собранието, судството и јавното обвинителство

22.12.2017 Транспаренси Интернешнл – Македонија ја известува јавноста дека Република Македонија и понатаму не презема доволни напори за исполнување на препораките на ГРЕКО (земји за борба против корупцијата). Извештајот од четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО, донесен уште во декември 2013 година, во себе содржи низ забелешки и препораки за отстранување на дадените забелешки, но по нив сè уште не е постапено на адекватен начин со што тие би се отстраниле.
 
 

Ова го потврдува и неодамна дадената изјава на Марин Мрчела, Претседател на ГРЕКО, кој говорејќи на Тркалезната маса „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“, во организација на ОБСЕ и Академијата за судии и јавни обвинители, истакна дека ГРЕКО очекува препораките да се исполнат не поради самата група на држави за борба против корупцијата, туку поради граѓаните на Република Македонија. Од 19 препораки во извештајот, три се исполнети, десет се делумно исполнети, а шест не се воопшто исполнети. 
 
Во јануари годинава Транспаренси Интернешнл – Македонија веќе ја извести јавноста дека државата не презема доволно активности за борба против корупцијата согласно овие препораки. Во тоа соопштение беше наведено дека четири од препораките за кои недостасува имплементација се однесуваат на спречувањето на корупција кај членовите на Собранието на РМ, а другите две неспроведени препораки се однесуваат на судството и јавното обвинителство. Денес, речиси една година подоцна, работите не се поместени од точката на која што биле и тогаш, а тоа го потврдува и последната изјава на Мрчела.
 
Поради тоа, Транспаренси Интернешнл – Македонија ја повикува Владата на Република Македонија сериозно да се зафати со исполнувањето на овие препораки, така што ќе формира посебен тим кој ќе го следи спроведувањето на овие препораки. Сметаме дека тоа е неопходно со цел да се држи чекор со одговорностите кои државата ги презела, и тоа, како што вели Мрчела, не поради ГРЕКО, туку поради граѓаните на РМ.
Транспаренси Интернешнл – Македонија и понатаму ќе продолжи будно да ја следи имплементацијата на овие препораки и ќе ги потсетува Владата и граѓаните за тековната состојба во врска со нив.