ДКСК утврди злоупотреба на буџетски средства и средства од јавни фондови за финансирање на ДУИ
21.02.2018 Транспаренси Интернешнл – Македонија ја известува јавноста дека по наша претставка Државната комисија за спречување на корупцијата утврди постоење на основано сомневање за злоупотреба на буџетски средства и средства од јавни фоднови во финансирањето на политичката партија ДУИ и за тоа писмено го извести Основното јавно обвинителство Скопје заради понатамошно постапување.
По анализа на Годишниот извештај за членарини до донации за 2016 година, Транспаренси Интернешнл – Македонија забележа дека на листата како донатори се јавуваат и претпријатијата АД Македонска пошта, АД Аеродроми на Македонија и ЈП Македонски железници – инфраструктура, што е спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и Законот за финансирање на политичките партии. Поради тоа на 10.05.2017 година се обративме до Државната комисија за спречување на корупцијата, како надлежна за постапување во вакви случаи.
 
 pdf pretstavka_do_dksk 646.82 Kb
 
pdf odgovor_na_prijava_od_dksk 541.16 Kb 
 
 

На 21.02.2018 година добивме одговор од ДКСК дека по разгледување и анализа на добиените податоци од наша страна и прибраните известувања од посочените претпријатија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија, утврдиле дека сомневањата кои се изнесени во претставката се основани и дека од прибраната документација произлегуваат факти и околности кои упатуваат на прекршување на одредбите од Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на корупцијата кои забрануваат користење на буџетски средства, средства од јавни фондови и средства од јавни претпријатија за финансирање на изборна активност, односно друга политичка активност. Документацијата од која произлегуваат овие сомневања Државната комисија за спречување на корупцијата ја предала во Основното јавно обвинителство Скопје, кое е надлежно за понатамошно испитување на овие информации.
 
Транспаренси Интернешнл – Македонија изразува задоволство од постапуувањето на ДКСК во врска со овој случај. Финансирањето на политичките партии, иако се актуелизира само за време на избори, континуирано останува сериозен проблем на корупција, а подготвува и широк терен за многу други коруптивни дејствија. Поради тоа ги повикуваме институциите уште пожестоко да се зафатат со сузбивање на незаконитите активности во финансирањето на политичките партии и со тоа да придонесат во обезбедување на владеење на правото.