Поважно е да си „добар“ со директорот отколку на конкурсот
14.11.2020 Второрангирана кандидатка на оглас за вработување за медицинска сестра на една од скопските клиники сепак не била ангажирана, додека, пак, пријавените кои се нашле на третата и на четвртата позиција почнале со работа.

Антикорупциската комисија ја отфрлила жалбата на кандидатката, со образложение дека директорите го искористуваат дискрециското право при вработување што им е овозможено во Законот за здравствена заштита. Прекршување на законските норми не пронашол ниту Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
 
 
Со вакви предмети секојдневно се соочува Антикорупциската комисија.

– Работев на еден предмет кога директорот можеше да избира девет од 62 пријавени кандидати. Тој би требало да избира од првите што се рангирани, но има таква можност да избира од 62. Мора да се уреди ова прашање и да се утврди јасно постапката за да не се злоупотребува дискрециското право – смета антикорупционерот Нури Бајрами.

Од ДКСК посочуваат дека законот мора да претрпи промени во членовите 160 и 161, каде што се наведува дека при повеќе од тројца пријавени што ги исполнуваат критериумите, раководството на установата треба да спроведе интервју на кое се добиваат дополнителни бодови. Со измените треба да се обезбеди уставна еднаквост и рамноправност при вработување на сите граѓани и да се отстрани сомнежот за корупција.

– Најчесто, интервјуто се користи како параван за доделување потребен број бодови за едно лице да испадне најдобар кандидат и да биде вработено. Дискрециското право на директорот да одлучи кого да вработи ги анулира сите претходно наведени квалификации за некоја рамноправност во натпреварување меѓу кандидатите – вели антикорупционерката Катица Николовска.
Од Министерството за здравство велат дека интервјуто не е клучно при изборот за вработување. „Членот 161 опфаќа шест ставови каде што е утврдена жалбената постапка доколку некој од кандидатите смета дека е оштетен со неговиот неизбор“, се вели во одговорот од МЗ до Слободен печат.

Првиот човек на Транспаренси интернешнал, Слаѓана Тасева, смета дека недостасува волја кај политичарите за суштински промени, иако постојано има ветувања.

– За жал, ништо не се менува. Дискрециските овластувања се голем ризик од корупција. Треба да се влијае врз свеста на начинот на работа на луѓето што носат одлуки и да се избегнува таков тип одлучување. Треба да се стави некаков механизам на заштита и превенција, со намалување на ваквата можност секаде каде што може, да се воспостават јасни критериуми и транспарентни постапки. Останува злоупотребата на интервјуто и треба да се интервенира – апелира Тасева.
 
Извор: Слободен Печат