Барометар на корупција за 2007 година
udripari 13.01.2007 Продажбата на ОКТА, актуелизирана со пресудата на судот во Париз е најматниот, додека екстрадицијата на бизнисменот Методија Смиленски е најбистриот настан во Македонија во минатата 2007 година.

Ова е оценката на главните уредници на 18 национални електронски и печатени медиуми во Македонија, во годишната анкета за корупција и борбата против - „Бистро - Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност - Нулта корупција“.
 
 
Случајот на скопската Рафинерија ОКТА, што во август мината година повторно се актуелизираше по пресудата на Арбитражниот суд во Париз, Република Македонија на Хеленик петролеум да му плати 53 милиони долар, со 10 гласови на главните уредници, е избран за најкоруптивен настан во 2007-ма.

Како проблематична и штетна за државата деновиве се третира и спогодбата за порамнување на долгот и затворање на случајот што Владата и рафинеријата „ОКТА“ ја постигнаа на последниот ден од мината година.

На второ место, во најматните настани лани, со 8 гласови, е обидот на Владата да потпише договор за продажба на Термоцентралата Неготино со конзорциумот „Хач“. Владата во овој случај индиректно призна дека ги немала сите потребни документи при донесување на одлуката за продажба на термоцентралата, што создаде сомневања за непочитување на процедурите предвидени во законите.

На третото место со седум гласови во матните настани е седум години без пресуда за прислушуваните новинари. По шест гласа добија, кампањата „Инвестирајте во Македонија“, односно нетранспарентноста за трошоци, како и предлог законот за енергетика.

Најбистар настан во борбата против корупцијата во мината година, според новинарите, е екстрадицијата на Методија Смиленски, со освоени девет гласови. Контроверзниот сопственик на пропаднатата „Експорт- импорт“, по речиси едногодишен притвор во Србија во јуни беше екстрадиран да му се суди во Македонија, по обвинувањата за финансиски малверзации и проневера во износ од околу 60 милиони евра.

На второ место на листата на бистри настани, само со еден глас помалку е брзата судска постапка во случајот „Бачило“. Процесот заврши само за еден месец, при што им се изречени пресуди на дваесетина лица вклучени во случајот.

Седум гласа доби спречувањето на продажбата на ТЕЦ Неготино. Владата одлучи да не го потпише договорот со конзорциумот Хач, кој победи на тендерот, бидејќи не ги исполни условите.

Во најбистрите настани, шест гласа доби Полициската акција против корумпирани полицајци и цариници на граничните премини во која осомничени четириесетина лица.

Анкетата „Бистро-Матно“ се спроведува секој месец веќе четири години, на крајот на годината се прави годишна анкета со понудени настани од месечните анкети.

Во оваа годишна анкета учествуваа: телевизиите МТВ, А1, Алсат –М, Канал 5, Сител и Телма, радиото Канал 77, весниците Дневник, Вест, Утрински весник, Време, Вечер, Лајме и Бизнис, неделниците Фокус, Капитал и Глобус и електронското издание на Лоби.