Закон што нема да се примени
28.01.2008 Деновиве беше донесен Закон за изменување и дополнување за Законот за спречување на корупцијата. Во деновите додека траеше собраниската расправа, текстот на предлогот за изменување на Законот не можеше да се најде на веб-страниците на Собранието и на Министерството за правда.
Денеска, иако поминаа десет дена од неговото усвојување, текстот се уште не е објавен ниту во „Службен весник“. Мистерија треба да се разбие затоа што овде се уште ќе има работа. Дури и за Уставниот суд. За оваа анализа го користам текстот на предлогот за изменување на Законот со кој располага Државната комисија за спречување на корупцијата. Иако тие ја иницираа измената на Законот, не беа сигурни дали е усвоен тој или некој друг текст. Ова сигурно не оди многу во прилог на изјавите за транспарентност и соработка во постапките за усвојување закони. Како и да е, очекувам дека текстот ќе ги помине сите процедури за да биде објавен. Освен ако претседателот не одлучи да не го потпише поради тоа што дел од одредбите се спротивни на Уставот.

Еве една кратка анализа на измените во овој закон: Измената на која најмногу реагираше опозицијата е во членот 1 од Законот за изменување и дополнување, односно членот 36 од Законот за спречување на корупцијата. Овој член се однесува на поведување постапка за испитување на имотната состојба во случаите доколку избраниот или именуван функционер не доставил анкетен лист, не дал целосни податоци, дал невистинити или непотполни податоци или не пријавил промена во имотната состојба. Како, на пример, во случајот на полицискиот директор Љупчо Тодоровски, за кого Комисијата пропушти да каже дека повела и ваква постапка, иако тоа е според законот е задолжително! Постапката ја води Управата за јавни приходи, а со самото поведување на постапката УЈП до судот доставува барање за привремена мерка забрана за располагање со имот. Многу интересно од аспект на Тодоровски и другите невнимателни и заборавени функционери. Дали ќе се примени? Јас лично се сомневам. Но, сепак, оваа одредба е дополнета со два става, ставот 6 според кој во постапката од ставот (1) лицето е дол&“230;но на УЈП да и ги презентира доказите за изворите на средствата од кои е стекнат имотот и средствата со кои располага лицето и членовите на неговото семејство. Во оваа одредба не постои ограничување на рокот во кој може да се оди наназад во постапката. Ова предизвика реакција кај пратениците од опозицијата, а оние од позицијата беа толку незаинтересирани како да се целосно убедени дека тоа за нив не се однесува или уште подобро, над нив нема да се примени.

Од аспект на обврската за доставување податоци до УЈП, оваа одредба е сосема непотребна затоа што со неа само непотребно се создава впечаток за кршење на уставната пресумција за невиност. Во Законот за даночната постапка ова прашање е веќе уредено, а обврската за докажување на фактите дека имотот со кој лицето располага е стекнат од легални и оданочени приходи паѓа на лицето за кое се води постапката. Ставот 7 се однесува на обврската на државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, носителите на платниот промет и други физички и правни лица, на барање на УЈП во рок што таа ќе го определи, да и достават информации потребни за утврдување на фактичката состојба и битни за оданочување. Оваа одредба е непотребна затоа што материјата е уредена со друг закон, а спорно е наведувањето на физичките лица, затоа што овој Закон не се однесува за нив?!
Она што е најмногу спорно во овој Закон е воведувањето на казнената одредба во членот 59-а. Според неа, тој што на барање на УЈП нема да ги достави бараните информации за утврдување на фактичката состојба за оданочување, ќе се казни со затвор од три месеци до една година. Ако делото го стори службено лице, ќе се казни со затвор од една до три години?! Во случајов станува збор за прекршочна постапка во која примената на институтот „префрлување на обврската за докажување на обвинетиот“ не е дозволена затоа што е спротивна со Уставот утврдената пресумција на невиност. Со ваквата измешаност на работите, постапката по новите одредби ќе биде според Уставот се до моментот додека некој не реши да поднесе прекршочна пријава за недоставување податоци. Во даночната постапка, која е административна/управна постапка, обврската за докажување е на даночниот обврзник. Во случајов станува збор за постапката што ја води УЈП каде што тоа е дозволено, затоа што не навлегува во вината во казнено-правна смисла на зборот туку се работи за (не)исполнувана граѓанска должност. Во услови кога голем дел од избраните и именувани функционери „забораваат да ги прикажат“ промените во имотната состојба, што секако, а и посебно нагласено, се однесува и на купувањето акции и друг имот, зачудува незаинтересираноста за тоа што всушност се гласа. Сега сум во сериозно очекување Законот да биде објавен за да ја видиме неговата примена. Сигурна сум дека доколку комисијата не располага со доволно податоци ќе се најдат доволен број добронамерни да и помогнат во работата. Само за да заживее Законот. А и она со судската забрана за располагање со имот звучи премногу сериозно за некој да се дрзна да го примени. Особено затоа што овој Закон не се однесува на обичните граѓани. Со нив е лесно, со оние кои се избрани од граѓаните тешко ни оди. Зошто ако ни тргне, ќе останеме без нив.

 

Доц. д-р Слаѓана Тасева