Барометар на корупција за месец Февруари 2008 г.

bistromatno

10.03.2008 „Тајниот“ реизбор на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), е најматен настан во февруари според анкетата во која гласаат главни уредници.

За февруари не беше избран позитивен настан во сферата на борбата на против корупцијата. Според критериумите на составувачите на анкетата немаше настан кој би можел да се најде на листата.

Во февруарската анкета „Бистро - Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност - нулта корупција“ учествуваа главни уредници во 17 највлијателни печатени и електронски медиуми во Македонија.

 

Најматен настан, според шест главни уредници, е (ре)изборот на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Мирјана Димовска. Постапката беше спроведена во најголема тајност, за подоцна дискретно да се обелодени дека претседателка повторно е избрана на истата функција.

Претходно, законската одредба според која претседателот ДКСК се избира на една година, без право на реизбор, беше променета. Антикорупциската комисија работеше врз овој принцип од своето основање, а ова е прв реизбор.

Отсуството на соодветно објаснување и начинот на кој е извршен реизборот предизвикаа сомневања. Особено во делот од јавноста, кој и без тоа смета дека Антикорупциската комисија за време на првиот мандат на претседателката не била премногу активна, особено во неколку случаи, поврзани со активностите на власта.

На второ и трето место, рамноправно, со по четири гласа се најдоа два случаји - пресудата за силувачите на две малолетнички во Куманово, како и владината рекламна кампања „Е-Македонија“, со која се фаворизираат одделни приватни фирми.

Шок и револт се уште владее во кумановската јавност, а особено во семејствата на две 14-годишни девојчиња. Повод е ослободителната пресуда за четворица силувачи, тинејџери, кои се од познати кумановски семејства. Насилството и силувањето врз малолетничките се случило во куќата на еден од малолетниците, кој е син на судија.

Владината кампања „Е-Македонија“ во која се рекламираат бизнисмени од приватниот сектор го дели второто и третото место на листата на матни настани за февруари. Со тоа отворено се фаворизираат компании, за кои може да се рече, дека се блиски до владата. Спорен е и фактот што Владата во оваа рекламна кампања троши буџетски – народни – пари за рекламирање на приватни фирми.

Овој случај, но и вкупното рекламирање на Владата, навлегува во сива зона на суптилна корупција, насочена кон сите категории граѓани. Покрај тоа, Владата редовно се рекламира во исти медиуми, со што овие гласила ги држи цврсто под контрола.

На четврто место на Матната листа, со еден глас, е обидот на Владата да влијае врз работата на Уставниот суд. Повод е оценувањето на уставноста за воведување на веронаука во училиштата. Владата во писмото моли судот расправата за ова контроверзно прашање, да ја одложи за одреден период.

Анкетата „Бистро - Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за јануари учествуваа телевизиите, А1 ,Телма, Канал 5, Алсат, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вечер, Вест, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, Факти, интернет весникот Лоби, неделниците Глобус, Капитал и Фокус.