Барометар на корупција за месец Март 2008 г.

bistromatno 11.04.2008 Тврдењата на група затвореници дека корупцијата раководи во затворот Идризово е најматен, а намалувањето на корупцијата во катастарот е најбистар настан во март. Ова е оценка на 17 главни уредници во највлијателни печатени и електронски медиуми во Македонија, во анкетата „Бистро - Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност - нулта корупција“. Најматен настан во март, според девет главни уредници е состојбата во казнено-поправната институција „Идризово“, каде што, според тврдењето на затворениците, со пари се може да се купи.

 

Цената се одредувала во зависност од услугата, но и од имотната состојба на семејството на затвореникот. Викенд на слобода може да се купи за цена од 1.500 до 2.000 евра, а внесување на мобилен телефон од 50-100 евра.

Се чини дека за овие состојби знаат сите досегашни раководства, но не преземаа сериозни мерки за нејзино сузбивање.

На второ место на листата најматни настани во март, со осум гласови, е нетранспарентното трошење на буџетски пари во Министерството за внатрешни работи. Се уште нема одговор за што се потрошило десетина милиони евра издвоени од ребалансот на буџетот.

Министерството тврди дека со прераспределените пари веднаш купило опрема за Управата за безбедност и контраразузнавање, но дека видот, количеството и цената се тајна.

Најбистар настан во месец март со девет гласови е намалувањето на корупцијата во катастарот. Според анкетата на агенцијата „БРИМА Галуп“, поголем дел испитаниците сметаат дека Реформите во Катастарот се движат во вистинска насока.

Истражувањето покажа и дека е намалена подготвеноста за подмитување од 24 отсто во 2006, на 17 проценти годинава.

Кампања за намалување на корупцијата во здравството со седум гласови се најде на второто место од листата најбистрите настани. “Корупцијата во здравството - рак рана на општеството” е мотото на кампањата на движењето за промоција на правата на лицата со хендикеп - Полио Плус. Цел на кампањата е да се подигне свеста на јавноста корупцијата во здравството, како една од професиите која често се посочува како подложна на корупција која најмногу ги засега граѓаните.

Анкетата „Бистро - Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за март учествуваа телевизиите, МТВ, Сител ,Телма, Канал 5, Алсат и А1, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вечер, Вест, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, неделниците Глобус, Капитал и Фокус.