Барометар на корупција за месец февруари 2010 г.

bistro-matno.jpg 22.03.2010 Пациенти од другите градови во државава за банални интервенции, како затнат мочен меур, проголтани три апчиња лексилиум или пак, операција на слепо црево, секојдневно се упатуваат на скопските клиники.

Со преупатувањето на болниот се губи драгоцено време за лекување, како што беше случајот со пациентот Душко Мамучевски од Берово, кој почина откако го шетаа од клиника на клиника, што е најматниот настан за февруари.

 

Агонијата и лошата состојба на клиниките во внатрешноста на земјата доби 11 “матни“ гласа во анкетата “Бистро- Матно“ на независната новинска агенција Макфакс и невладината организација “Транспарентност - нулта корупција“, во која што учествуваа 17 главни уредници на печатени и електронски медиуми.

Оваа состојба во здравството е резултат на повеќегодишни политички пазарења и поткусурувања, засновани на задоволување на интересите на поединци и политички партии. 
Некомпетентен менаџерски кадар, лоши тендерски постапки, лоша политика за набавка на лекови и медицинска опрема.

Пет “матни“ гласа доби неодговорниот однос на државата и локалната самоуправа за зголемувањето на водостојот на Охридското езеро.

Регионот со недели е под закана од поплави, направени се огромни штети на приватни и инфраструктурни објекти, со што излезе на виделина дека партиските интереси се ставени над интересите на граѓаните и Охрид, кој што не припаѓа само на политичарите туку претставува јавно добро заштитено од УНЕСКО.

Купопродажниот договор со кој Телеком Словенија го купи телефонскиот оператор “Космофон“, сега преименуван во „One„, доби еден “матен“ глас.

Во анкетата за февруари не беше направен избор на бистри настани.

Во “Бистро- Матно“ учествуваат телевизиите А1, Канал 5, Телма, Наша ТВ, Алсат, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Утрински весник, Дневник, Време, Лајм, Нова Македонија и неделниците Глобус, Капитал, Фокус и Форум.

Анкетата “Бистро- Матно“, како дел од борбата против корупцијата се спроведува повеќе од пет години.