Озаконување на незаконитото?
01.07.2011 Анализа на случаите „Објавени списоци„ и „ Апсење на Љубе Бошковски„ на основа на јавно објавени информации
Дали искуствата на функционирање на правниот поредок во случаите за Зоран Талер и Хелмут Кол, се применливи во околностите кога станува збор за примената на правото и правната практика во Република Македонија?
Закони постојат, постојат и институции. Во практиката сеуште не постојат случаи кои недвосмислено ќе ја убедат јавноста во Република Македонија и меѓународната јавност во подготвеноста за постапување и јасно повлекување на овие паралели.
Или можеби првин треба да ни се случи „Иво Санадер“?

Како и досега, темата на оваа анализа во рамки на проектот „Верувале или не“ е начинот на вршење на работите од страна на државните органи и институции; поконкретно нивното постапување при преземање на мерки во случаи поврзани со корупцијата.

Анализата на случаите кои беа актуелни во време на изборите се однесува на тоа: Како постапувале надлежните државни органи и дали тие ги почитувале правните принципи и начела за професионално, непристрасно и совесно постапување, без било какви притисоци при носењето на своите одлуки?
 
 
Наспроти ова ја поставивме тезата: Дали државните органи во своето постапување се обидуваат да изнајдат начин за да се само–ослободат од обврската за целосно, професионално и непристрасно вршење на работите, движејќи се притоа на маргините на законитоста во постапувањето или многу често постапувајќи несоодветно во рамки на позитивните правни норми, па дури и со елементи на злоупотреба на службената положба.

Во оваа прилика повторно би сакале да нагласиме дека за соодветна борба против корупцијата неопходно е да се инсистира на безусловна примена на правото и законите, без било каква селективност и предрасуда. Борбата против корупцијата е можна само на законски начин и со дејствија преземени од страна на надлежните институции во рамки на законски предвидените процедури.

Во денешнава анализа опфаќаме повеќе институции надлежни за преземање на репресивни мерки во сферата на борбата против корупцијата, како што се полицијата, јавното обвинителство и судот.
 
 
 
Случај „Објавени списоци„

На јавноста и е познат случајот со т.н. „Списоци“ за време на последните предвремени избори за пратеници во Собранието на РМ.

Накратко: две новинарки превземале иницијатива од истражувачко новинарство за да ги поткрепат своите хипотези за аномалии во изборниот процес. Тие се стекнале со хартиени материјали како и тонски снимки од разговори кои ги направиле со лица за кои имале сомнеж дека е направен притисок за начинот на кој тие ќе го вршат нивното избирачко право. Овие докази тие ги доставија до канцеларијата на НП. Народниот Правобранител утврдил дека тие материјали треба да бидат доставени до ЈО на понатамошна постапка. Истото беше сторено и во врска со списоци кои до него ги достави и една политичка партија за да го потврди начинот на кој друга политичка пратија врши притисок врз избирачкото тело.

Јавноста, а особено експертската јавност будно го следеше овој процес.

Епилогот исто така на сите ни е познат. Експертската јавност знае дека и од материјалите презентирани на медиумот има повеќе од доволно, и не само индиции туку и sui generis  докази за постоење на делото „Поткуп при избори и гласање“  од член 162 на КЗ на РМ.

Поткуп при избори и гласање
Член 162
(1)Тој што на лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или  друга  лична  корист,  со  намера  да  го  придобие  да  го  врши,  да  не  го врши или да го врши избирачкото право во определена смисла, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.  
(2)Со казната од став 1 ќе се казни и лице со избирачко право кое ќе бара за себе подарок или друга корист или ќе прими подарок или друга корист, за  да  го  врши,  да  не  го  врши  или  да  го  врши  избирачкото  право  во определена смисла.  
 (3)Ако  делото  од  став 1  го  стори  правно  лице,  ќе  се  казни  со  парична казна.

Спрегата на евидентен притисок (постоење на список со лични податоци) лесно може да го присили едно лице кое еднаш слободно дава изјава дека прави нешто (дава изборен глас во корист на една партија за да добие за возврат нешто што му е ветено), да ја промени изјавата! Но тоа не би требало да биде пречка за ЈО бидејќи нему му стојат на располагање механизми (како на пример заштита на сведоци) да си ја исполни професионалната обврска до крај.

Дека овој начин на вршење на работите не е единствен случај, туку практика која се провлекува низ долга низа на години, сведочат и други случаи за кои ќе стане збор во некое од следните изданија на „Верувале или не“, а во кои поради несоодветна казнено правна квалификација на настанот, настапило застарување или Јавниот обвинител се откажал од натамошно гонење затоа што не постоеле елементи за негово постапување.

Во случајот „Објавени списоци„ Јавниот обвинител се повикал на одредбата од членот 160 од Кривичниот законик, иако во ниту еден од јавно објавените материјали, тонски или пишани записи, не се споменува било каква употреба на силa, сериозна закана или измама, ниту присилување на друг начин.

На овој начин Јавниот обвинител го затвори случајот, со што овозможи и овој пат случаите на притисок и уцена на гласачите, кои се нотирани во неколку извештаи од ОБСЕ/ОДИХР, и понатаму да остануваат неказнети.

На овој начин, дополнето со досегашната практика од застарување или не постапување по пријави за поткуп на избирачи, продолжуваат практиките надлежните институции да не поведуваат постапки и да не се санкционираат на случаи на политичка корупција. Очекуваме дека меѓународните организации во иднина ќе обрнат поголемо внимание на постапувањето на надлежните институции во насока на сеопфатна примена на законите и меѓународното право во оваа сфера.  
 
 
 
Случајот „Апсење на Љубе Бошкоски„

Во овој осврт не може да се одбегне и постапувањето на истражните судии во спрега со Министерството за Внатрешни работи, при изрекување и спроведување на посебни истражни мерки.

ТИ-Македонија секогаш ќе стои на страната на законот и правдата и кога се работи за средства за финансирање на избори и политички кампањи. Во последниот случај за кој се тврди дека е поврзан со овие и вакви казниви дела, јавноста можеше да ја задоволи својата љубопитност преку директен пренос, со апсењето на господинот Љубе Бошковски.

Во јавно презентираниот спектакл на апсење јавноста беше сведок на погрешна примена на правилата од законите и од криминалистиката за обезбедување на доказите, како и на повреда на пресумпцијата за невиност од Уставот на Република Македонија. Случајноста во поставувањето на камерите и изборот на медиумите исто така ќе биде оценка на независното судство.

Исто така постојат многу околности кои ова постапување го прават незаконито исто како и оние наводни докази. Затоа, и по цели три недели се уште нема никакви индиции на пример: за што тоа ова лице лишено од слобода е осомничено и кога ќе биде обвинето. Да не говориме за тоа врз основа на кои докази.
Имено, промените кои се однесуваат на кривична инкриминација за кој е наводно осомничено ова лице лишено од слобода се содржани во член 165-а став 2 од КЗ:

„Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни одговорно лице во правно лице кое нема да пријави донации и други средства за финансирање на изборна кампања, ќе го спречи  надзорот над финансирањето или помагањето на друг начин на изборна кампања,  нема да поднесе финансиски извештај или ќе даде лажни или непотполни податоци за дадени донации и  други средства, ќе ги пречекори законските ограничувања на средствата дозволени за изборна кампања, ќе обезбеди недозволени средства за изборна кампања, ќе исплати средства спротивно на намената за финансирање на кампањата или на друг начин ќе го злоупотреби своето овластување определено со закон.”

Овие измени и дополненија на КЗ се објавени во Сл.в.бр.51/11, во кој број исто така е објавен и уште еден но овој пат Закон за дополнување на КЗ. Датумот на објавување е 13.04 2011 година. Предвидениот vacatio legis изнесува стандардни осум денови. Тоа се значи дека оваа одредба од КЗ влегла во сила на 21.04 2011 година. Дури на овој датум, МВР можело да побара и истражниот судија да одобри ефектуирање на посебни истражни мерки (прислушување, следење, снимање и тн.).  Овие пак мерки секогаш се одредуваат само за стекнување со докази за точно посочено кривично дело, и не може да се искористат како доказ за дело кое не е прецизно посочено, во наредбата на истражниот судија.   

Сигурно е дека политичката партија е правно лице, и дека господинот Бошковски како претседател на партијата е битно лице во истата, но не е сигурно дека токму ова лице е одговорно за материјалното и финансиското работење на партијата.

Имено финансискиот извештај на партијата „Обединети за Македонија“ доставен до ДИК на 26.05 2011 година е потпишан од одговорно лице, чие име не е името на господинот Бошковски.

За волја на вистината, оваа одредба не се однесува на ситуација кога некое друго лице во партијата би примило средства во вид на донација, а за оваа околност одговорното лице не биде запознаено. Цитираната одредба од КЗ се однесува на одговорно лице во правното лице, во случајот тоа лице кое е одговорно за материјалното и финансиското работење Другите лица се изземени од инкриминација согласно член 165-а став 2.

Интересен е и ставот три на членот 165-а:

3) Тој што спротивно на ограничувањата определени со закон тајно ќе донира за туѓа изборна кампања или кампања за избори во кои самиот учествува со износ  кој  во  поголема  вредност  го  надминува  законскиот  максимум,  ќе  се  казни  со парична казна или затвор до три години.

Со овој став се санкционира секое лице кое тајно ќе донира средства за туѓа или своја изборна кампања. Согласно текстот на став 3 се казнуваат и двете лица и тој што ги дал парите и тој што ги примил и ги внел во изборната кампања.

Оваа акција на Министерството и Судот во комбинација со молчењето на ЈО во однос на казнивото дело за кое се собрале докази со посебни истражни мерки остава простор за најразлични шпекулации. Повеќе од јасно е дека овие околности само штетат на имиџот на РМ, кој е особено закрепнат со заедничката оценка на сите релевантни фактори дека овие избори беа фер и транспарентни.

Останува да се види дали и како ќе биде оценета законитоста и транспарентноста на финансирањето на политичките партии на овие избори, односно како организаторите на кампањите се стекнаа со толкави износи  на средства со кои ќе ги покријат трошоците на своите кампањи.

Од оваа оценка ќе зависи и цврстината на правната држава и довербата на граѓаните во правниот поредок.  

Во текот на изборната кампања надлежните институции презентираа состојба дека политичките партии и организаторите на кампања трошат повеќе пари отколку што пријавиле на банкарските сметки отворени за таа намена. Во недостиг на официјални информации за постапување и дејствија преземени од страна на институциите, се уште е отворена дилемата дали институциите постапувале селективно и преземале мерки само против партиите од блокот на опозицијата.

Околу една третина од гласачкото тело не излезе на последните избори. Тоа можеби зборува дека се незаинтересирани или презаситени од политичко партискиот живот во државата, но сигурно е дека од неа бараат да функционира како општество засновано на уставни принципи и закони кои подеднакво важат и се применуваат за сите и во секоја прилика (независно дали се познати резултатите од изборите, дали има нова влада или се уште функционира претходната и сите други партиски комбинаторики во кои тие не сакаат да земат учество).