Македонија е последна на Балканот според буџетската транспарентност
 
buxetska_otvorenost_-_sporedba.jpg
 
23.01.2013 Македонија, според последната ранг листа на Иницијативата за буџетска транспарентност (OPEN BUDGET INITIATIVE), се најде во претпоследната група земји кои обезбедуваат минимални информации за буџетските документи и буџетскиот процес. Со вредност на индексот од 35 поени, земјата е рангирана на 68 место од 100 земји.
Со ваков резултат, Македонија е заедно со Ангола, Буркина Фасо, Доминиканска Република, Еквадор, Либан, Малезија, Мароко, Сао Томе и Принципе, Србија, Сиера Леоне, Тајланд, Тимор-Лесте, Тринидад и Тобаго, Венецуела. Споредено со балканските земји, Македонија лани има најниска вреднoст на индексот. Со неа во претпоследната група е само Србија.
- Доколку го погледнеме местото на Македонија според Индексот за буџетска отвореност во однос на претходните две aнкети/анализи, кои беа спроведени во 2008 и 2010 година, ќе утврдиме дека Македонија во тој период била во средната група на земји (OBI од 41 до 60), односно во групата на земји кои обезбедувале податоци за буџетските документи и буџетскиот процес. Почнувајќи од 2008 година, кога Македонија имала вредност на индексот 54, бележиме континуиран пад на 49 во 2010 година до последната пресметка на OBI во 2012 од 35 поени - се констатира во соопштението на Центарот за економски анализи (ЦЕА) по повод објавувањето на извештајот.
Експертите на ЦЕА  препорачуваат  зголемување на транспарентноста преку зголемување на опфатот и информациите за полугодишните и годишните извештаи и обезбедување на потранспарентно следење на буџетската имплементација, како и обезбедување подетални дополнителни податоци во предлог-буџетот кои ќе овозможат полесно мониторирање на неговите ефекти и одредување на фискалната позиција на креаторите на политиката.
- Иако ревизорскиот извештај за буџет е достапен до јавноста, постојат ограничени информации за успешното имплементирање на забелешките кои истиот ги посочува. Неопходно е креирање на механизми и можности за вклучување на јавноста во дискусиите за буџетот и буџетскиот процес –препорачуваат од ЦЕА
 
Извор: ПЛУСИНФО